Првиот работен ден
Почетна » Кариера » На работното место » Првиот работен ден

Првиот работен ден

Подготвивте одлични документи за кандидирање, одлично се претставивте на интервјуто и ја добивте работата за која мечтаевте. Но, тоа не е крај. Наредниот чекор во вашата кариера можеби и не е толку едноставен, како што си мислевте. Сега вие треба да докажете дека вашиот работодавач го направил вистинскиот избор кога ве избрал точно вас.

Жена што работи на компјутер
Пред да започнете на нова работа, дознајте колку што е можно повеќе за фирмата.

Повеќето работодавачи практикуваат сите нови вработени прво да поминат низ пробен или тест период, кој трае најчесто 3 месеци. Во тој период вие треба да докажете дека можете да ги извршите сите задачи и да оставите добар впечаток кај вашиот работодавач и тимот со кој работите.

Првиот работен ден на нова работа носи многу стрес. За да го намалите стресот, а во истото време да успеете да се претставите блескаво, потребно е да знаете што сè треба да направите за да се подготвите. Еве што треба да вклучите во вашите подготовки.

Една недела претходно

Потврдете ја датата. Една недела пред да започнете со работа, потврдете ја датата на која треба да се појавите на работното место. Исто така информирајте се и за точната локација на фирмата.

Планирајте го транспортот. Ако одите со автомобил, дознајте каде можете да паркирате во околината или дали фирмата има свој паркинг. Доколку користите јавен транспорт, планирајте го вашето патување, за да не си дозволите да доцните.

Дознајте каков е дрес-кодот. Информирајте се за тоа дали фирмата има одреден дрес-код кој треба да го почитувате и подгответе си соодветна облека.

Сменете си ја навиката за спиење. Започнете да си легнувате порано и да станувате порано, како што тоа ќе го правите кога ќе започнете на работа. Навикнете се да станувате рано, ако тоа не ви било навика и досега.

Научете повеќе за компанијата. Истражувајте по весниците и на интернет и пронајдете колку што можете повеќе за дејноста на компанијата и сферата во која функционира. Така ќе бидете поспремни и посамоуверени на првиот работен ден и нема да се чувствувате како изгубени.

На самиот ден

Внимавајте со облеката. Најдобро е на првиот работен ден да носите конзервативна облека. Не би требало уште на почетокот да се истакнувате, за да не соберете злобни погледи. Професионалниот, конзервативен изглед секогаш помага.

Бидете точни. Никој нема да биде воодушевен ако задоцните и започнете да се правдате со големата утринска гужва во сообраќајот. Не одете ни премногу рано. Покажете дека сте точна личност и појавете се максимум 10 минути пред почетокот на работното време.

Запознајте се со колегите. Бидете пријателски расположена и запознајте се со сите колеги. Обидете се да ги запомнете имињата на сите. Така ќе покажете дека сте заинтересирана.

Избегнете ги озборувањата. Многу е веројатно дека вие ќе бидете основна тема на озборувањата тој ден. Но, ако случајно пред вас започне непријатен муабет, љубезно извлечете се. Сигурно не сакате уште веднаш да ви стават етикета на оговарачка.

Внимавајте на јазикот на телото. Кога комуницирате со вашите нови колеги, внимавајте на знаците кои ги испраќа вашето тело. Бидете опуштени и изгледајте самоуверени. Воспоставете директен контакт со очите и насмевнувајте се.

Не плашете се да прашувате. Нормално е да поставувате прашања на првиот работен ден. Тоа нема да ве направи да изгледате неспособни. Подобро е да прашувате и да знаете како се прават работите, отколку да претпоставувате дека знаете, а всушност да правите сè погрешно.

Колеги на работа
На првиот работен ден внимавајте на вашата облека и не се плашете да си запишувате белешки.

Слушајте и набљудувајте. На првиот работен ден, најдобро е да слушате и внимателно да набљудувате што се случува околу вас. Запомнете дека вие сте новата и дека подобро е да слушате, отколку да зборувате.

Запишувајте забелешки. Почнувајќи од првиот ден, вие постојано ќе учите нови и нови информации и нема да можете секогаш да запомнувате сè. Затоа, најдобро е да имате тефтер, во кој ќе запишувате сè што мислите дека е важно.

Првиот работен ден може да биде многу напорен, но ако сте подготвени за сè што ве очекува, подобро ќе можете да се концентрирате на тоа што ќе го учите и работите таму, без да се расејувате. Со среќа!

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 41%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9565 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.