Почетна » Кариера » На работното место » Како да се справите со лош колега

Како да се справите со лош колега

Ниту едно работно место нема да биде комплетно без присуството на барем еден „непожелен“ колега, кој што ја намалува ефективноста и продуктивноста на сите одоколу.

Во работниот свет се среќаваат многу непријатни луѓе. Од плачковци до прима дони, од озборувачи до снобови – секое работно место има барем еден, ако не и повеќе вработени кои влијаат негативно на работната атмосфера.

Во идеален случај, секој би требало сам да си го избира работното место. Но, кај нас ситуацијата е далеку од идеална. Ретко кој може да си дозволи да го промени работното место само поради конфликт со колега. Ако не можете да си дозволите да започнете нова работа, еве како да се справите со лошите колеги.

КолегиСекое работно место има барем еден, ако не и повеќе вработени кои влијаат негативно на работната атмосфера.
  • Препознајте го проблемот. Постојат различни типови лоши колеги. Без разлика дали во вашиот случај тоа е колега што постојано се жали, озборува, не ја затвара устата, е некултурен, непријателски настроен, избегнува одговорност или има агресивно однесување, првиот чекор за да се справите со проблемот е всушност да признаете и препознаете дека го има.
  • Анализирајте го прво вашето однесување. Пред да ја префрлите топката на вината кај вашиот колега, преиспитајте ги своите чувства и реакции. Осигурете се дека проблемот не се појавува поради ваша нефлексибилност или нетолерантност. Исто така, внимавајте некое ваше минато искуство да не влијае врз начинот на кој што реагирате сега или на вашата способност да се справите со одреден тип карактер. Ако утврдите дека проблемот не е во вас, продолжете со планот за справување.
  • Обидете се да сфатите од каде потекнува лошото однесување. Најдете начин да сфатите каква е гледната точка на „лошиот“ колега, кои се причините кои влијаат врз неговото однесување. Искористете ја вашата емоционална интелигенција. Луѓето со висока емоционална интелигенција можат подобро да разберат кои се мотивите и изворите на иритирачкото однесување на даден колега. Некои луѓе едноставно цел живот имаат лошо однесување, но некои тоа го прават во период кога се соочуваат со сериозни проблеми. Разбирањето е важен чекор кон наоѓањето на решение.
  • Бидете свесни дека постојат различни начини за справување со ситуацијата. Прво треба да одлучите дали сакате да се соочите со колегата или да го игнорирате. Ако решите да се соочите со него, тогаш треба да знаете дека има различни начини да го направите тоа. Доколку непријатното однесување не влијае директно врз вашето расположение или врз работата и ако сте убедени дека можете да работите со таква личност без проблеми, тогаш најдобро е едноставно да го игнорирате проблемот. Во спротивно ризикувате ситуацијата да ескалира непотребно. Но, ако вашата ефективност и продуктивност на работа е засегната од овој проблем, сте под голем стрес и чувствувате дека тешката работна атмосфера ви ја зема енергијата, тогаш треба да се насочите кон тактичко и дипломатско решавање на проблемот.
  • Бидете тактични. Размислете добро кои се негативните и позитивните страни на конкретната личност. Бидете колку што можете пообјективни и тргнете ги настрана негативните емоции. Направете си план како ќе го водите разговорот. Во идеален случај би требало да започнете со неколку комплименти кои ќе му укажат на вашиот колега дека го почитувате. Не започнувајте веднаш со лошите зборови, затоа што може тој веднаш да заземе заштитничко негативно однесување и критиката никогаш реално да не достигне до неговиот ум.
  • Соочете се во четири очи. Никогаш не разговарајте за ваков проблем по телефон или преку e-mail. Изберете погоден ден и започнете со разговорот. Бидете љубезни, смирени и дипломатски започнете да му давате до знаење дека не сакате да иницирате расправии. Не го повишувајте тонот и внимателно избирајте ги зборовите. Посочете му ги прво карактеристиките кои ги цените кај него, а потоа преминете на проблемот. Бидете директни и посочувајте примери и конкретни ситуации кога неговото однесување било непријатно и неприфатливо.
  • Пратете ја неговата реакција. Многу е важно внимателно да ја следите неговата реакција. Можно е тој колега да не осознава дека е проблем за работната атмосфера. Во таков случај сигурно ќе се обиде на некаков начин да ви даде до знаење дека му е жал и дури и да ви се извини. Во најлош случај, тој може да застане во своја одбрана и да одрекува сè што му кажувате, а може и да ве обвини дека барате причина за расправија. Бидете подготвени да слушнете и лоши критики за вашата работа. Во таков случај, задржете ја смиреноста и останете професионалец.
  • Доколку состанокот еден на еден не успее, барајте решение повисоко во хиерархијата. Можеби ќе си помислите дека сите менаџери се заинтересирани да создадат вистинска и пријатна работна атмосфера. Но, најчесто не е така. Обидете се за вашиот проблем да разговарате насамо со вашиот шеф, но не барајте од него да го среди проблемот, туку побарајте совет како вие да продолжите да се однесувате.

Никогаш не е лесно да се соочите со непријатен колега, но ако успеете да го решите проблемот или барем да го ублажите лошото однесување, ќе се чувствувате многу подобро и со сигурност ќе го намалите стресот на работното место.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9525 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.