Почетна » Кариера » Барање работа » 10 реченици кои не треба да ги кажете на интервју за работа

10 реченици кои не треба да ги кажете на интервју за работа

Интервјуто за работа може или да ви ја стави в скут работата која ја посакувате или да предизвика потенцијалниот работодавач веднаш да ги фрли в канта вашите документи за кандидирање. Сфатете ја таа средба лице в лице како единствена можност да оставите позитивен впечаток и да го убедите одговорното лице дека вие сте вистинската личност за пополнување на отвореното работно место.

Интервју за работа

За жал, брзиот јазик и нервозата често знаат да ги уништат и неколкумесечните подготовки на кандидатите и да создадат погрешен впечаток кај потенцијалниот работодавач. Денес конкуренцијата на пазарот на трудот е толку голема што вистинско чудо е да ве повикаат на интервју. Па, кога ќе добиете шанса да се истакнете, не треба да си дозволите да ја фрлите во вода. Ако сте во потрага по нова работа, еве кои нешта не треба да ги премолчите на првото интервју:

„Извинете што доцнам, но (изговор).“

Доцнењето доаѓа во предвид само ако сакате да го започнете интервјуто за работа на лош начин. Се разбира, тоа не е вашата цел. Точноста е од клучно значење – таа зборува за вашата мотивираност и вашата дисциплина. Изговорите од типот „Ми избега автобусот“, „Ми се расипа колата“, „Не сум јас виновна. Сообраќајниот метеж е ужасен“ нема да го променат фактот дека доцните. Доцнењето ќе биде сфатено како ваша негативна страна, а испраќа сигнал дека сте неорганизирана личност која не го почитува туѓото време.

„Морам да се јавам, многу е важно.“

Ако телефонскиот повик е поважен од вашето вработување, повелете, прифатете го. Ваквото однесување е лошо, незрело и остава впечаток на некултурна личност. Исто така и пишувањето SMS не е опција која треба да ја разгледувате. Најдобриот начин за да ја избегнете оваа грешка е да го исклучите телефонот пред да влезете на интервју.

„Не знам.“

Златно правило на интервју за работа: Никогаш не кажувајте дека не знаете нешто. Наместо тоа, кажете дека во моментот не можете да се сетите или дека ќе направите истражување и ќе дознаете. Всушност, секој одговор би бил подобар од „Не знам“.

„Слаби страни? Немам слаби страни.“

Никој не е совршен. Сите имаме слаби страни, па изговарањето на оваа реченица нема да ве направи подобри од другите. Пред да одите на интервју за работа размислете кои се вашите слаби страни. Но, не ги наведувајте доколку тие се клучни за работното место. На пример, ако работата за која кандидирате е поврзана со рокови, не кажувајте дека лошо работите кога сте под притисок. Наместо тоа кажете друга ваша слаба страна што не е пресудна во работата за која аплицирате. Не заборавајте да споменете и дека работите на нејзино подобрување.

„Слаба страна ми е тоа што премногу работам/сум перфекционист.“

Одговорите како „Напорно работам, па работата си ја носам дома“, „Перфекционист сум и премногу внимание посветувам на деталите“ се стандардни, познати клишеа, па нивното изговарање ќе придонесе да изгледате неискрени. Наместо да се обидувате да бидете дел од толпата, смислете оригинален одговор кој ќе ве истакне пред другите.

„Мојот претходен шеф беше ужасен, а колегите хронични озборувачи.“

Независно колку го мразите вашиот поранешен шеф, независно колку ве нервирале колегите и ве исполнувале со негативна енергија, лошите коментари за нив се непрофесионални. Наместо да озборувате и критикувате веднаш штом ќе ви биде поставено прашањето „Зошто ја напуштивте последната работа?“, објаснете дека вашите ставови не се совпаѓале со ставовите на претходниот работодавач, дека сте имале различни идеи и цели итн. Можете да речете „Бев подготвена за нови предизвици“ или „На претходното работно место немав доволно простор за напредок“.

„Немам никакво работно искуство.“

Дури и да е така, не си дозволувајте од вашата уста да излезат овие зборови. Да, треба да сте искрени, но ова признание нема да ви донесе дополнителни поени. Обидете се да смислите неколку места каде сте имале можност да ги докажете вашите вештини, а се поврзани со работното место за кое аплицирате. Споменете ја вашата пракса или вашата вклученост во одреден проект.

„А, со што се занимава вашата компанија?“

Од кандидатите се очекува да отидат на интервју со претходно направено истражување за компанијата и за работното место, па поставувањето на ова прашање е апсолутно недозволено. Неинформираноста може само да сигнализира дека сте мрзлива, немотивирана и незаинтересирана личност – карактеристики кои сигурно нема да ви ја дадат работата која ја посакувате.

„Бев отпуштена.“

Макар и тоа да е причината поради која сте невработени, на интервјуто прескокнете ги изјавите „Бев отпуштена“ и „Ми дадоа отказ“ бидејќи оставаат лош впечаток. Иако можеби вашите способности не биле причина за добиениот отказ, вашиот потенцијален работодавач може да се посомнева дали сте доволно квалификувани за слободното работно место за кое кандидирате. Наместо „Бев отпуштена“, речете нешто како „Со мојот шеф имавме различни визии за иднината и за насоката во којашто ќе се развива фирмата“. Но, не лажете дека не сте биле отпуштени ако тоа навистина било така, бидејќи лесно може да се провери веродостојноста на вашата изјава.

„Не, немам никакви прашања.“

Ако сакате да му докажете на интервјуерот дека сте НЕзаинтересирани за компанијата и за работното место за кое сте аплицирале, тогаш слободно избегнете ја можноста да научите нешто повеќе. Но, ако навистина се борите за работното место, пред да отидете на интервју смислете најмалку три прашања кои можете да ги поставите кога ќе дојде ред да одговорите на завршното „Дали имате некакви прашања?“.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9492 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.