Што треба да знаете за мегастудијата „Солидарност“ на СЗО за лекување на КOВИД-19 во која е вклучена и Македонија?
Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Што треба да знаете за мегастудијата „Солидарност“ на СЗО за лекување на КOВИД-19 во која е вклучена и Македонија?

Што треба да знаете за мегастудијата „Солидарност“ на СЗО за лекување на КOВИД-19 во која е вклучена и Македонија?

Медицина

Д-р Марија Михајловска
Доктор по медицина

За да ја забрза потрагата по ефективен третман на болеста КОВИД-19, предизвиканата од новиот коронавирус, Светската здравствена организација (СЗО) ја започна големата глобална студија наречена „СОЛИДАРНОСТ” (SOLIDARITY).

Во истражувањето се вклучени илјадници пациенти од десетици држави ширум светот како Канада, Франција, Норвешка, Швајцарија, Шпанија и Аргентина, a меѓу учесниците е и нашата земја.

Студија Солидарност

Зошто и како е создадена студијата „Солидарност“?

Пандемијата со КОВИД-19 молскавично го обиколи целиот свет. Проценките на експертите се дека околу 15% од заболените имаат тешка форма на болеста, а околу 5% би биле критично болни, па според тоа, итно се наметнува потребата за соодветен и ефикасен третман. Со оглед на брзата еволуција на болеста и итната потреба од лек, научниците и експертите за јавно здравје одлучија да се направат испитувања на веќе постоечки лекови, кои се одобрени за третман на други заболувања и генерално се безбедни.

Лековите кои го забавуваат размножувањето или го убиваат САРС-КоВ-2 би овозможиле подобрување на здравствената состојба кај тешко болните пациенти од КОВИД-19, но исто така би обезбедиле профилакса за здравствените работници, кои имаат висок ризик за добивање на инфекцијата. Дополнително, би се скратило времето на престој на тешко болните пациенти во одделите за интензивна нега, а со тоа побрзо би се ослободиле болнички легла за нови пациенти.

Голем број на експерти ширум светот предложија за испитување десетици различни веќе постоечки лекови, но СЗО се фокусира на 4 терапии, кои се очекува да дадат охрабрувачки резултати:

  1. Ремдесивир – експриментален антивирусен лек;
  2. Хлорикин и хидроксихлорикин – лекови против маларија;
  3. Лопинавир и ритонавир – двојна комбинација на лекови против ХИВ;
  4. Лопинавир и ритонавир плус интерферон бета, имунолошки медијатор кој игра значајна улога во уништување на вирусите.

Вклучувањето на пациенти во студијата е многу едноставно. Докторот прави соодветна проценка за одреден пациент позитивен на КОВИД-19 и утврдува дали исполнува дадени критериуми.

Доколку одговорот е потврден, информациите за здравствената состојба на пациентот се внесуваат на веб-страница на СЗО, заедно со потпишан формулар за согласност од страна на пациентот.

Откако лекарот ќе потврди кои од четирите терапии вклучени во студијата ги има во неговата болница, веб-страницата ќе укаже кој од достапните лекови да ги прима пациентот или тој да биде подложен само на стандардната интензивна нега за КОВИД-19.

„Лекарите ќе го регистрираат денот кога пациентот ја напуштил болницата или починал, времетраењето на престојот во болнички услови и дали пациентот имал потреба од кислородна поддршка или механичка вентилација. Тоа е сè” – појаснува д-р Ана Марија Хенао Рестрепо, медицински директор во СЗО. „Најважно е да се добијат одговори за кратко време, да се обидеме да откриеме кој лек навистина има ефект, а кој нема. Сметаме дека рандомизираната студија е најдобриот начин за да го постигнеме тоа“ – додава д-р Рестрепо.

Листата на лекови кои ќе бидат тестирани е креирана од стручен тим научници од СЗО, кои уште од почетокот на јануари 2020 година ги правеа прелиминарните проценки за терапиите што би биле кандидати за третман на КОВИД-19. Изборот е направен земајќи ја предвид безбедноста на лекот, веројатноста за позитивниот ефект, како и достапноста на лекот за пациентите, доколку би се докажала неговата делотворност.

Студија Солидарност

Како дел од студијата SOLIDARITY ќе се тестираат следните лекови:

1. Ремдесивир

Новиот коронавирус му дава втора шанса за успех на овој веќе добро познат лек. Создаден е од познатата американска компанија Gilead Sciences со цел борба против еболата и други вируси со слична градба на еболата. Ремдесивирот има за цел да го спречи понатамошното размножување на вирусот преку инхибиција на клучниот ензим РНК полимераза.

Минатата година, научниците го тестираа ремдесивирот за време на епидемијата со ебола во Демократска Република Конго заедно со уште три други терапии. За жал, ремдесивирот не го даде очекуваниот позитивен ефект. Но, земајќи го предвид фактот дека ензимот кој овој лек го таргетира е присутен и кај други вируси, вклучително и кај коронавирусите, во 2017 година беа направени медицински испитувања на животни, кои покажаа дека ремдесивирот може да го инхибира, односно спречи, размножувањето на коронавирусите, кои ги предизвикаа заболувањата САРС (2003 година) и МЕРС (2012 година).

Студија Солидарност

Кај првиот пациент дијагностициран со КОВИД-19 во САД, поради влошување на неговата состојба беше даден ремдесивир, по што следниот ден имало значајно подобрување. Исто така, опишан е случај на пациент од Калифорнија кој бил со исклучително тешка клиничка слика на КОВИД-19 и не се претпоставувало дека ќе преживее, но по примањето на ремдесивир, симптомите се повлекле.

Овие докази од индивидуални случаи не се доволни за да ја докажат безбедноста и ефикасноста на овој лек. Но, експертите сметаат дека од сите лекови кои се вклучени во студијата SOLIDARITY, ремдесивирот има најголем потенцијал, особено поради фактот што овој лек може да биде даден во релативно високи дози, без притоа да предизвика токсичност.

Лекот има најголем ефект доколку се даде во раниот стадиум од инфекцијата, кај пациенти со лесна клиничка слика. Но, тоа отвора голема дилема кај научниците кога е најсоодветно лекот да се препише, земајќи го предвид фактот што oд една страна лекот е скап и администрацијата е исклучиво интравенски, а од друга страна, проценката е дека од 100 пациенти, кај 85 ќе нема потреба од лекот, односно тие би се избориле со инфекцијата и без него.

2. Хлорикин и хидроксихлорикин

Стручниот тим научници од СЗО првично имаше став да не се вклучува „познатото дуо“ хлорикин и хидроксихлорикин во студијата. Но, на состанокот одржан на 13 март во Женева, се донесе одлука овие два лекови сепак да бидат дел од истражувањето. Промената на одлуката е резултат на „огромното внимание“ кое овие лекови го добија, особено по прес-конференцијата на американскиот претседател Доналд Трамп, на која тој посочи дека во нив „лежи клучот“ за борба против КОВИД-19.

Но, реалноста е дека ефектите на хлорикинот и хидроксихлорикинот за новиот коронавирус се неубедливи. И двата лека ја намалуваат киселоста во ендозомите, органели во клетката кои прават ингестија, односно внес на материи (меѓу кои и вируси), внатре во клетката. Со намалување на киселоста, се намалува и функционалноста на ендозомите. Но, главниот начин за влез на вирусот САРС-КоВ-2 во клетката кој го предизвикува КОВИД-19 е сосема различен. Новиот коронавирус за влез во клетката ги користи протеините, кои се распоредени на неговата површината и наликуваат на игли. Вирусот со помош на овие протеини се поврзува за рецептор, кој се наоѓа на површината на клетките во човекот.

Студиите покажуваат дека за овие лекови да може да имаат одредено влијание врз САРС-КоВ-2, потребна е исклучително висока доза, а тоа би предизвикало сериозни токсични ефекти на организмот.

Студија Солидарност

Резултатите за пациентите заболени со КОВИД-19 кои се третирани со овие лекови не се целосни. Кинеските научници првично дадоа известување за позитивните ефекти кај повеќе од 100 пациенти, кои биле третирани со лекот хлорикин, но за жал, финалните резултати од оваа студија сè уште не се објавени. Исто така, СЗО изјави дека во Кина се направени неколку студии за КОВИД-19 пациенти и нивен третман со хлорикин и хидроксихлорикин, но резултати за ефектите од овој лек сè уште не добиле.

Особен интерес предизвика и медицинска студија во Франција, каде 20 пациенти со КОВИД-19 беa третирани со хидроксихлорокин и азитромицин (Сумамед). Заклучокот од студијата е дека по давањето на лекот, значајно се намалени вирусните партикли (честички) во назалниот брис. Но, оваа студија има низа недостатоци, вклучувајќи го и фактот дека не дава извештај за евентуален смртен исход кај пациентите.

Студија Солидарност

Хидроксихлорикинот може да направи повеќе зло отколку добро. Лекот има низа на несакани ефекти, а во одредени случаи, може да предизвика и оштетување на срцето. Со оглед на тоа што лицата со веќе дијагностицирани срцеви заболувања имаат зголемен ризик за тешка форма на КОВИД-19, потребно е особено внимание при поставување на индикацијата за употребата на овој лек. Од друга страна, евентуалната употребата на овој лек за борба против КОВИД-19, остава можност за негов дефицит кај пациентите кои веќе го употребуваат за лекување на други здравствени состојби, како ревматоиден артритис и маларија.

3. Ритонавир/лопинавир (Калетра)

Студија Солидарност

Оваа комбинација на лекови е одобрена во САД во 2000 година за третман против ХИВ инфекција, а се продава со регистрираното заштитно име Калетра. Лекот лопинавир е развиен од страна на Abbott Laboratorie и неговиот механизам на делување е преку инхибиција на ензимот протеаза од ХИВ. Овој важен ензим има за задача да го раскине долгиот протеински синџир на помали делови наречени пептиди, кои би учествувале во создавањето на новите вируси. Бидејќи лопинавирот во човековото тело брзо се разложува, се воведуваат ниски дози на друг лек, познат под името ритонавир, кој исто така прави инхибиција на протеазата, но и му овозможува на лопинавирот да има подолго дејство.

Комбинацијата на овие два лека овозможува инхибиција на протеазата, но не само кај ХИВ, туку и кај други вируси, вклучувајќи ги и коронавирусите.

За жал, првите искуства за оваа комбинација лекови со пациенти заболени од КОВИД-19 не се охрабрувачки. Докторите во Вухан, Кина, направиле студија во која учествувале 199 пациенти, каде што на едната група покрај стандардната медицинска нега, им била дадена терапија со таблети лопинавир/ритонавир, а во другата група само стандардна медицинска нега. Резултатите од испитувањето покажале дека нема разлика во исходот помеѓу двете групи. Сепак, авторите на студијата потенцираат дека пациентите биле во тешка здравствена состојба со напредната клиничка слика на болеста, поради што и една петтина од нив имале смртен исход, па се претпоставува дека лекот бил даден премногу доцна за да би имал каков било ефект. И покрај тоа што лекот генерално е безбеден, докторите предупредуваат дека во изолирани случаи предизвикува тешко оштетување на црниот дроб.

4. Ритонавир/лопинавир и бета интерферон

Студијата „Солидарност“ вклучува и комбинација на ритонавир/лопинавир со интерферон бета, молекула која учествува во регулација на воспалението во човековиот организам. Комбинацијата на овие три лекови веќе се испитува кај пациенти заболени од МЕРС во Саудиска Арабија.

Студија Солидарност

Употребата на интерферон бета кај пациенти со тешка клиничка слика на КОВИД-19 може да биде ризично, бидејќи доколку лекот е даден предоцна, може да има контраефект, односно да предизвика зголемено оштетување на ткивата во организмот.

И покрај тоа што научниците изјавија дека потребни се најмалку 12-18 месеци за развој на медицински третман за КОВИД-19, сепак испитувањето на веќе познати лекови преку студијата „Солидарност“, дава надеж дека тоа време може да биде пократко.

Анкета

Анкета
Сметате ли дека е добра мерката за задолжително носење на заштитна опрема на лицето (маска, шал)?
  • 64%
  • 36%
Се испраќа...

(Вкупно: 6550 гласа)

Цитат

Можеш да ги исечеш сите цвеќиња, но не можеш да ја спречиш пролетта да дојде.

Пабло Неруда

Виц

Се качувам на вага по завршувањето на карантинот.

Вагата покажува: „Ве молам почитувајте социјално дистанцирање. Качувајте се еден по еден!“