Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Совети за правилно седење и работење на компјутер

Совети за правилно седење и работење на компјутер

Живееме во дигитална ера и поминуваме сè повеќе и повеќе време во седечка положба пред компјутер. Голем дел од луѓето поминуваат околу 8 часа дневно пред компјутер, но малкумина од нив внимаваат во каква положба им е телото.

Лесно е да заборавите на правилното седење додека изнервирани пребарувате низ документите на работа, четувате со вашите пријатели на Facebook, гледате интересни видеа на YouTube или играте некоја од „заразните“ интернет игри. Но, во секој момент од денот треба да имате на ум дека правилното седење и работење на компјутер се исклучително важни за здравјето.

Жена пред компјутерДодека седите пред компјутер, од време на време правете вежби за растегнување на мускулите

Еве на што треба да внимавате додека седите пред компјутер:

  1. Заземање на правилна седечка положба. Во почетокот нема да ви биде лесно да ја одржувате правилната положба, но со тек на времето тоа ќе ви стане навика. Правилната положба додека седите ќе ви помогне да изгледате подобро, да си ја подобрите продуктивноста и што е најважно, да го зачувате здравјето.
    • Седнете колку што е можно поназад на столот. Задникот треба да ви биде на крајот на седиштето и залепен за потпирачот на столот. Луѓето се навикнати да седат на средината на областа за седење, но тоа е сосема погрешно.
    • Потпрете се така што ‘рбетот да ја зачува својата природна искривеност. Тоа значи дека горниот и долниот дел од грбот треба да ви бидат залепени за потпирачот на столот. Доколку не користите ергономски стол, можете да употребите мало перниче или крпа свиткана во ролна и да ја поставите на половината за да овозможите максимална потпора за ‘рбетот.
    • Главата треба да ви биде во иста линија со горниот дел на телото. Не треба ниту да ја наведнувате нанапред, ниту да ја држите назад.
    • Рамената треба да ви бидат опуштени, а горниот дел на рацете (од рамената до лактите) покрај телото. Не треба да ги испружувате рацете нанапред или пак лактите да ги носите наназад.
    • Колената треба да ви бидат на иста висина со колковите. Не користете премногу висок или низок стол. По правило, горниот дел од нозете треба да биде паралелен на подот, а колената да зафаќаат агол од 90-100 степени. Можете да ставите потпора под нозете за да си ја подобрите положбата.
    • Стапалата на нозете треба да ви бидат рамни на подот. Не треба да ги држите нозете прекрстени или пак да се потпирате само на прстите или петиците.
    • Тежината на телото треба да биде еднакво распределена на колковите. Не седете настрана оптоварувајќи го само левиот или десниот колк.
  2. Поставеност на мониторот. Откако ќе седнете правилно на столот, испружете ја раката нанапред. Мониторот треба да биде поставен приближно на исто толкаво растојание и да се наоѓа точно наспроти вас. Ако е поставен полево или подесно, ќе започнете да го виткате вратот и тоа може да предизвика болка. Горниот дел на мониторот треба да ви биде на исто ниво со очите. Кога го користите мониторот, погледот треба да ви биде насочен благо надолу, под агол од околу 15-20 степени.
  3. Поставеност на тастатурата и глувчето, пишување. Тастатурата и глувчето треба да бидат поставени отприлика на висина на вашиот папок (на висина на лактите). Никогаш не ги поставувајте тастатурата и глувчето на различна висина. Најдобро е тастатурата да се наоѓа непосредно пред вас, а глувчето од десната страна. Кога пишувате на тастатурата, дланките и зглобовите на рацете треба да оформуваат права линија. Никогаш не ги потпирајте зглобовите на бирото додека пишувате. Рацете треба да ви се исправени и да „лебдат“ во воздухот додека ја користите тастатурата. Потпирајте ги за одмор само кога правите пауза. Се препорачува глувчето да биде блиску до вас за да не мора да ја протегате раката нанапред. Користете подлога за глувче со гел наменет за потпирање на зглобот на раката.
  4. Минимизирање на напрегањето на очите. За да го минимизирате напрегањето на очите, освен правилното позиционирање на мониторот во однос на вашето тело, треба да внимавате и на тоа дали екранот има отсјај. Поставете го компјутерот подалеку од силна светлина која би ви создавала проблеми при користењето. Исто толку важно е да ја прилагодите светлината и контрастот на екранот, како и големината на буквите. Од време на време затварајте ги очите за 10-15 секунди и покријте ги со дланките без да употребувате притисок.

Вежба за одмарање на очите

Одморајте ги очите со тоа што ќе го фокусирате погледот на нешто друго освен на вашиот екран. Исправете го показалецот на околу 10 сантиметри пред очите, точно на средина. Започнете да го оддалечувате прстот од вас, а со погледот постојано следете го. Запрете со движењето, тргнете го фокусот од прстот и гледајте неколку секунди во нешто што е во позадина. Потоа, повторно фокусирајте се неколку секунди на прстот и започнете да го движите обратно кон лицето. Повторете ја оваа вежба 2-3 пати.

Дополнителни совети

  1. Од време на време погледнете горе во таванот. Така ем ќе ги раздвижите мускулите на вратот и горниот дел на грбот, ем ќе ги одморите очите од зјапањето во екранот.
  2. Станувајте на секои 20-30 минути. Не мора тоа да е долга пауза. Останете исправени 1 минута. Во текот на таа минута, или протегнете ги рацете нагоре и направете неколку вежби за растегнување или прошетајте во просторијата во која се наоѓате.
  3. На секој час седење, правете пауза од 5 минути. Станете да си земете чаша вода, прошетајте до бирото на колешката или одете до прозорецот и разгледајте што се случува надвор.

Ретки се оние кои не внимаваат на правилното држење на телото, а кои немаат проблеми со здравјето. Не бидете и вие дел од мнозинството луѓе кои чекаат да почувствуваат болка во грбот за да се замислат како го користат своето тело.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 18185 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.