Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Пиењето кафе – бенефиции и ризици

Пиењето кафе – бенефиции и ризици

Милиони луѓе низ светот го започнуваат секој ден со чаша кафе. Кафето е еден од најпопуларните пијалоци и често е тема на различни истражувања со цел да се утврдат еднаш засекогаш ползите и ризиците кои ги носи.

Пиењето кафе често се сврзува со многу болести, од смешната „ќе ти порасне опашка“ до сериозните срцеви болести и рак. Но, стотици истражувања во изминатите години покажале дека кафето најверојатно и не е толку штетно како што се мислело некогаш. Всушност, многу експерти сметаат дека кај повеќето луѓе ползите кои ги носи кафето се побројни отколку ризиците.

КафеМногу експерти сметаат дека кај повеќето луѓе ползите кои ги носи кафето се побројни отколку ризиците.

Бенефиции од пиењето кафе

Еве дел од начините на коишто кафето може да му помогне на вашето здравје:
  • Го намалува ризикот од рак на уста и грло. Анализирајќи 9 истражувања и споредувајќи 5139 заболени од рак на глава и врат со 9028 луѓе без рак, италијански научници откриле дека 4 или повеќе кафиња дневно го намалуваат ризикот од појава на рак на уста или грло со 39%.
  • Го намалува ризикот од мозочен удар кај жените. Американско истражување покажало дека пиењето на 4 или повеќе кафиња дневно го намалува ризикот од мозочен удар кај жените со 20%. Кај оние пак кои никогаш не пушеле, ризикот се намалува до 43%.
  • Може да го продолжи животот. Големо истражување на Универзитетот во Мадрид и Универзитетот Харвард довело до интересен заклучок – кафето може да го продолжи животот. За да го докажат тоа, научниците анализирале податоци за 84 214 жени и 41 736 мажи. Ниту еден од нив немал рак или срцеви болести на почетокот на истражувањето. Учесниците биле набљудувани подолго време – мажите 18 години, а жените 24 години. Крајните резултати покажале дека кај оние кои пиеле кафе ризикот од смрт бил помал отколку кај оние кои не пиеле кафе. Основна причина за ваквиот резултат бил намалениот број на случаи со срцеви заболувања кај луѓето што консумирале кафе.
  • Го подобрува памтењето. Кафе паузата после лекции помага полесно да ја складирате информацијата што сте ја научиле.
  • Го намалува ризикот од рак на простатата. Истражување во коешто учествувале 50 000 мажи, а кое траело од 1986 до 2006 година, покажало дека мажите кои пијат многу кафе имаат за 60% помал ризик од појава на рак на простатата, во споредба со мажите кои не пијат кафе.
  • Го намалува ризикот од срцеви заболувања. Истражување на одделот на медицинскиот конзорциум Kaiser Permanente во Калифорнија, покажа дека луѓето коишто редовно консумираат кафе имаат помали шанси да бидат примени во болница заради нерегуларен ритам на срцето. Резултатите од едно од најголемите истражувања во оваа област, кое опфаќало 34 514 учесници, покажале дека умерената консумација на кафе го намалува ризикот од срцев удар за една петтина.
  • Го намалува ризикот од рак на дојка. Истражување на шведскиот универзитет Умеа покажало дека жените коишто пијат варено кафе повеќе од 4 пати дневно се изложени на помал ризик од појава на рак на дојка, во споредба со жените коишто пијат варено кафе поретко од еднаш дневно.

Но, тоа не е сè. Еве уште некои од многуте бенефиции од кафето:

  • го намалува ризикот од заболување со Паркинсонова болест со 80%;
  • 3 кафиња дневно го намалуваат ризикот од појава на рак на дебело црево со 25%;
  • го намалува и ризикот од појава на цироза на џигерот со 80%;
  • помага во справувањето со астма;
  • го намалува ризикот од појава на дијабетес тип 2;
  • ја намалува или елиминира главоболката;
  • го подобрува расположението;
  • го забрзува метаболизмот;
  • ја подобрува концентрацијата;
  • ја спречува појавата на кариес.

Ризици од пиењето кафе

Сепак, пиењето кафе крие и многу ризици, кои најчесто се појавуваат кај луѓе кои консумираат кафе во големи количини. Некои од тие ризици се:

  • Проблеми со спиењето. Кафето ја зголемува будноста и ја зголемува концентрацијата. Затоа, луѓето кои страдаат од инсомнија или имаат проблеми со спиењето треба да се држат понастрана од кафето.
  • Зголемена анксиозност. Консумирањето кафе во големи количини или пак откажувањето од кафе може да предизвикаат зголемување на анксиозноста и раздразливоста.
  • Флеки на забите. Кафето е познат непријател на белите заби. Иако ја намалува појавата на кариес, кафето го забрзува жолтеењето на забите.
  • Полоши симптоми на ПМС. Жените коишто страдаат од предменструален синдром треба да ја избегнуваат консумацијата на кафе, затоа што кафето може да ги влоши симптомите.
  • Намалена плодност. Кафето има негативен ефект врз плодноста. Затоа, жените кои се обидуваат да зачнат треба да го избегнуваат кафето.
  • Зголемен ризик од остеопороза. Иако консумацијата на кафе не е значаен фактор за појавата на остеопороза, сепак го зголемува ризикот. Кофеинот го забрзува исфрлувањето на калциумот преку урината и со тоа ја намалува цврстината на коските. Но, истражувањата покажаа дека ако жените примаат доволно количество калциум, кафето нема да придонесе за развивање на остеопороза.
  • Дехидратација. Кафето има диуретско дејство и го зголемува мокрењето, па може да предизвика дехидратација. Поради тоа се препорачува секоја шолја кафе да биде проследена со пиење на 2 чаши вода.
  • Зголемен холестерол. На многу луѓе коишто го започнуваат денот со кафе, холестеролот е последното нешто што им паѓа на ум. Но, истражувањата покажале дека консумирањето на големо количество кафе (во просек 6 чаши дневно) го зголемува холестеролот.

Заклучок

Експертите се многу внимателни кога станува збор за кафето и не одат во крајности. Иако бројни истражувања покажале дека пиењето на кафе во големи количини го намалува ризикот од многу болести, сепак експертите не се убедени дека треба да препорачаат почеста консумација на кафе.

Според нив, умерената консумација на кафе крие повеќе предности отколку недостатоци за здравјето на луѓето. Тие уште препорачуваат да се внимава на начинот на којшто е приготвено кафето, т.е. да не се употребува премногу шеќер, шлаг, алкохол и сл.

Не ја прескокнувајте кафе паузата или излегувањето на кафе-муабет, но бидете внимателни да не консумирате повеќе од 3 кафиња дневно со цел да ги избегнете посочените ризици.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 18185 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.