Лекување и превенирање на уринарни инфекции
Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Лекување и превенирање на уринарни инфекции

Лекување и превенирање на уринарни инфекции

Уринарните инфекции се непријатна и болна појава која многу почесто ги засега жените. Се смета дека секоја петта жена се соочува со уринарна инфекција во одреден период од својот живот. Главната причина за тоа е женската анатомија, односно малото растојание помеѓу аналниот отвор и уретрата, коешто го олеснува преминувањето на бактерии (најчесто Escherichia coli) кон уринарниот тракт.

Симптомите на уринарните инфекции се лесно забележливи и не можете да ги игнорирате. Тие вклучуваат: честа и силна потреба за мокрење; печење и болка при мокрењето; заматена урина која понекогаш има силна миризба или содржи крв; притисок во долниот дел на стомакот.

БрусницаСокот од брусница помага при лекувањето и превенирањето на уринарни инфекции

Уринарните инфекции најчесто се третираат со антибиотици, но многу лесно може да дојде до нивно повторување, па затоа превенцијата е особено важна. Постојат многу работи кои можете да ги направите за да се заштитите од уринарните инфекции и никогаш да не се соочите со овој иритирачки проблем. Истите совети ќе ви помогнат и да си го олесните лекувањето во случаите кога имате ваков тип на инфекција.

  1. Одржувајте добра лична хигиена. По мокрење или празнење на цревата секогаш бришете се однапред наназад за да го спречите преминувањето на бактерии од аналниот отвор кон уретрата. Мијте ја интимната област барем еднаш дневно и секогаш пред и по сексуален однос. Не употребувајте парфимирана тоалетна хартија или интимни пудри и парфеми. Претпочитајте туширање наместо лежење в када.
  2. Пијте големи количини на течности. Колку повеќе течности пиете, толку повеќе ги „измивате“ бактериите.
  3. Внесувајте витамин Ц. Внесувајте го овој витамин во форма на таблети. Витаминот Ц ја зголемува киселоста на урината и го редуцира размножувањето на бактерии.
  4. Мокрете секогаш кога ќе почувствувате потреба. Никогаш не го одложувајте мокрењето. Држењето на урината во мочниот меур во текот на подолг период им дава на бактериите погодно место за размножување.
  5. Мокрете пред и непосредно по сексуален однос. Секогаш мокрете пред и после секс за да се ослободите од бактериите кои би можете да навлезат преку уретрата. Пред сексуалниот однос напијте се чаша вода.
  6. Користете хигиенски влошки наместо тампони. Тампоните го зголемуваат ризикот од развивање на уринарна инфекција, па ако сте склони кон инфекции, користете влошки. Менувајте ги хигиенските влошки при секоја посета на тоалетот.
  7. Пијте сок или чај од брусница и/или боровинки. Истражувањата покажуваат дека брусницата помага при лекувањето на уринарни инфекции, но не треба да се смета како лек. Посетата на доктор е задолжителна. Најдобро е да пиете незасладен природен сок од брусница. Исто така, препорачливо е и консумирањето на сок од боровинки. Кога купувате чај од брусница, секогаш читајте ја етикетата, бидејќи многу од чаевите содржат само мал процент брусница.
  8. Не носете тесна облека и танга, претпочитајте памучни гаќички. Памучната долна облека ѝ дозволува на кожата да дише и ја намалува влажноста којашто го поттикнува размножувањето на бактерии. Кажете им „не“ на тесните панталони и тангата ако сте склони кон инфекции.
  9. Не останувајте долго време со воден костим за капење. Ако носите костим за капење кој тешко се суши, променете го веднаш по излегувањето од вода. Препорачливо е да купувате костими за капење од материјали кои лесно се сушат. Водениот костим може да предизвика и вагинална инфекција.
  10. Избегнувајте алкохол, кофеин и зачинета храна. Алкохолот, кафето, газираните сокови и зачините можат само да ви ја влошат состојбата. Додека се борите со уринарна инфекција, потребно е целосно да ги избегнувате.

При појавата на симптоми на уринарна инфекција, веднаш посетете доктор. Горенаведените совети можат да ви помогнат во лекувањето, но не треба да се сметаат за замена на лекарски третман. Уринарните инфекции не се сериозен проблем ако се лекуваат навреме.

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 40%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9639 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.