Како да направите проверка на телото за крлеж и како правилно се отстранува прикачен крлеж?
Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Како да направите проверка на телото за крлеж и како правилно се отстранува прикачен крлеж?

Како да направите проверка на телото за крлеж и како правилно се отстранува прикачен крлеж?

Крлежите се мали пајаковидни паразити кои преживуваат преку хематофагија (исхранување со крв) од разни птици и цицачи, вклучувајќи го и човекот. Тие се вектори (носители и пренесувачи на инфективни патогени на друг жив организам) на голем број сериозни заболувања меѓу кои Лајмска болест, туларемија, тифус итн.

Крлежите не скокаат, не летаат, ниту пак паѓаат од дрвјата. Тие се добро сокриени на ниските растенија, каде го чекаат својот иден домаќин. Кога домаќинот ќе дојде во контакт со растението, крлежот се закачува и започнува да лази по неговото тело, сè додека не најде погодно место за исхранување.

Опасноста за човекот од убод од инфициран крлеж е во можноста за пренесување на патогенот и развој на инфекција. Преносот на инфекцијата од крлежот на домаќинот не настанува веднаш по закачувањето, туку во текот на процесот на исхранување (цицање на крвта), кој најчесто започнува неколку часа по прикачувањето. Затоа е многу важно по активноста во природа, да направите комплетна ревизија на телото и доколку има прикачено крлеж, да го отстраните во најкраток можен рок.

Крлеж

Како правилно да го проверите телото за крлежи?

Во зависност од тоа во која фаза од животниот циклус се наоѓаат, крлежите може да бидат со различни димензии – од големина на семе од афион до големина на семка од јаболко. Затоа, со цел да се постигне максимална ефективност, неопходно е при прегледот да бидете исклучително темелни и внимателни.

  1. Одберете соодветно место. Изберете интимна просторија (бања, спална соба) каде ќе можете слободно да го извршите прегледувањето.
  2. Целосно соблечете ја облеката. Потребно е да се прегледа цело тело без исклучок, вклучувајќи ги и интимните делови. Затоа, целосно соблечете се.
  3. Започнете од главата. Поминете со прстите низ целата површина на главата. Доколку почувствувате на допир мало испакнување, погледнете дали станува збор за крлеж.
  4. Исчешлајте ја косата. И во случај крлежот да не е прикачен на темето, сепак постои можност да се наоѓа на вашата коса. Затоа, земете чешел со ситни запци и добро исчешлајте ја косата.
  5. Проверете го телото. Од горе надолу темелно прегледајте го телото дали некаде има мало, кружно црно или кафено испакнување на кожата, кое би го претставувало телото на крлежот. Особено посветете внимание на потколениците, затоа што крлежите најчесто се прикачуваат на тоа место. Потребно е да го пребарате како предниот, така и задниот дел од телото, па затоа најдобро е прегледот да го направите пред огледало или со помош на ваша блиска личност.
  6. Прегледајте ги и помалку видливите места. Крлежите се прикачуваат на регии од телото каде што им е топло, па неретко се случува да се пронајдат на помалку видливи места како:
    • под пазувите;
    • околу и зад ушите;
    • во папокот;
    • во поплитеалната регија ( зад колената);
    • на препоните;
    • под градите.
  7. По завршување на прегледот, истуширајте се.

Како правилно да отстраните крлеж од телото?

Отстранувањето на крлежот од телото значително помага во превенција на разни заболувања кои се пренесуваат преку убод на крлеж, особено ако тоа се направи во првите 24 часа по убодот.

Најдобро е постапката да ја спроведе стручно медицинско лице, но доколку тоа не е можно, следните совети ќе ви помогнат правилно да го отстраните крлежот од телото.

Отстранување на крлежОтстранување на крлежОтстранување на крлежОтстранување на крлежОтстранување на крлеж

Чекор 1: Користете пинцети со шилести врвови

Обичните пинцетите не се соодветни за отстранување на крлежот, особено ако е со мали димензии, поради опасноста од згмечување на неговото тело.

Доколку при отстранувањето, телото на крлежот се згмечи, постои можност да се пренесе инфектот на човекот (во случај крлежот да е инфициран).

Чекор 2: Ставете ја пинцетата во близина на главата на крлежот

За да се отстрани на правилен начин, пинцетата треба да се стави во пределот на главата на крлежот.

Во никој случај не ставајте ја пинцетата во пределот на телото на крлежот, затоа што во процесот на отстранување, под дејство на притисокот, може да настане негово згмечување.

Чекор 3: Внимателно отстранете го крлежот

Откако ќе ја ставите пинцетата на соодветното место, со бавно, мирно и прецизно движење, влечете нагоре, сè додека крлежот целосно не се одвои од кожата.

НАПОМЕНА:Не го отстранувајте крлежот со кружни движења. На тој начин може да го одвоите само телото на крлежот, а главата да остане внатре во кожата.

Чекор 4: Дезинфицирајте го местото на убодот

Откако ќе го извадите крлежот, со антисептично средство или топла вода и сапун, исчистете го местото на убодот.

Чекор 5: По завршување на процедурата, добро измијте ги рацете

По отстранувањето, може да го ставите крлежот во затворен сад и ако имате можност, да направите испитувања за да се утврди дали крлежот е носител на некој инфект или не.

НАПОМЕНА: Не се обидувајте да го отстраните крлежот со горење или ставање на разни хемикалии. Тоа може да предизвика ослободување на течност од крлежот и пренос на инфекцијата во организмот.

И покрај отстранувањето на крлежот, посетете го вашиот лекар. Потребно е да се направат соодветни лабораториски испитувања и доколку е пренесена некоја инфекција, навремено да се даде терапија.

Анкета

Анкета
Каде ќе одите/бевте на одмор ова лето?
  • 25%
  • 6%
  • 6%
  • 7%
  • 3%
  • 3%
  • 12%
  • 12%
  • 26%
Се испраќа...

(Вкупно: 9508 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?