Превенција на вагинални габични инфекции
Почетна » Здравје » Интимно » Превенција на вагинални габични инфекции

Превенција на вагинални габични инфекции

Габичните инфекции се честа појава кај жените. Три од четири жени имале габична инфекција во одреден период од својот живот, а најголем дел од нив се имаат соочено со таква инфекција два или повеќе пати.

Појавата на вагинална габична инфекција создава фрустрации и дискомфор, затоа што предизвикува симптоми како чешање во областа на половите органи, појава на густ бел вагинален исцедок, печење при мокрење, па и болка при сексуален однос.

Убаво телоПравилното одржување на интимна хигиена е многу важно за превенција на вагинални габични инфекции

Иако во повеќето случаи вагиналните габични инфекции не се опасни и лесно се лекуваат, многу подобра варијанта е да направите колку што можете повеќе за да ги избегнете. Се разбира, не можете секогаш да ја избегнете појавата на габична инфекција, но можете да го намалите ризикот.

  1. Внимавајте на облеката. Облеката има многу големо значење во превенцијата од вагинални габични инфекции. Не е тешко да се применуваат советите на експертите во врска со облеката:
    • Користете памучна долна облека. Памучната облека ја впива влажноста од кожата додека синтетичката долна облека не ѝ овозможува на кожата да дише, ги заробува влажноста и воздухот и создава идеална средина за развој на габични инфекции. Ако не сакате да носите целосно памучна долна облека, барем изберете гаќички кои се обложени со памучен материјал во областа на вагината.
    • Не носете тесна облека. Тесните панталони и тесната долна облека, особено во лето, ја зголемуваат влажноста во областа на вагината.
    • Ограничете го времето во кое носите хулахопки или хеланки од синтетички материјали (најлон, ликра). Секогаш кога носите хулахопки или хеланки, под нив носете памучна долна облека.
    • По туширањето, исушете ја целосно вагиналната област пред да се облечете. Габичните инфекции „обожаваат“ влажна средина. За да ја намалите влажноста, можете да употребите фен вклучен на најниска температура.
    • Никогаш не облекувајте недосушена долна облека. Секогаш внимавајте долната облека да биде целосно сува пред да ја ставите врз себе.
    • Не седете со влажен костим за капење или со влажна облека по вежбањето. Колку што можете побрзо соблечете ги и облечете сува облека.
  2. Не користете парфимирани пудри или спрејови за интимна хигиена. Истото важи и за парфимираната тоалетна хартија и парфимираните влошки или тампони. Тие можат да го нарушат природниот баланс на вагината.
  3. Заборавете ги топлите бањи. Не лежете во кадата ако сте склони кон габични инфекции. Секогаш туширајте се со млака вода.
  4. Не ги употребувајте силните сапуни и гелови за туширање и за интимна хигиена. Вашиот омилен гел за тело не е погоден за миење и на вагиналната област. Користете соодветни сапуни и гелови и секогаш измивајте темелно со млака вода.
  5. Секогаш бришете се однапред наназад по посета на WC. Така ќе го спречите пренесувањето на бактерии од анусот кон вагината.
  6. Користете лубриканти на база на вода. Кога имате проблем со влажност на вагината при секс, секогаш користете лубриканти на база на вода.
  7. Ако имате дијабетес, контролирајте го нивото на шеќер во крвта. Докажано е дека дијабетесот и габичните инфекции се тесно поврзани. Некои доктори сметаат дека постојаната појава на габични инфекции може да укажува на појава на дијабетес, па советуваат жените кај кои инфекцијата често се повторува да направат тестови за проверка на шеќерот во крвта.
  8. Избегнувајте го непотребното примање на антибиотици. Лекувањето со антибиотиците е честа причина за појава на габични инфекции. Тие го менуваат нивото на бактерии во вагината (како Lactobacillus) и го нарушуваат pH балансот. Затоа, примајте антибиотици само кога е неопходно и кога ви се препорачани од доктор. Никогаш не се лекувајте со антибиотици подолго отколку што ви е препишано.
  9. Консумирајте јогурт. Јогуртот не може да ја излекува габичната инфекција, но со сигурност може да ја спречи. Жените кои редовно консумираат јогурт поретко страдаат од непријатните инфекции.
  10. Внимавајте на исхраната, избегнувајте храна богата со јаглехидрати. Храната која содржи шеќери и јаглехидрати го зголемува ризикот од појава на габични инфекции. Избегнувајте слатка храна, продукти направени од бело брашно и алкохол.
  11. Намалете го стресот. Иако не е научно докажано, многу жени тврдат дека почесто страдаат од габични инфекции кога се под стрес.

Анкета

Анкета
Кога би можеле да изберете со која вакцина за заштита од КОВИД-19 да се вакцинирате, дали тоа би влијаело на вашата одлука за имунизација?
  • 36%
  • 11%
  • 53%
Се испраќа...

(Вкупно: 6794 гласа)

Цитат

Животот секогаш ти нуди втора шанса. Таа се нарекува УТРЕ.

Дилан Томас

Виц

Женскиот проблем „немам што да облечам“ е во изумирање во време на пандемија.

Сега се појави „имам што да облечам, но нема каде да го носам“.