Цервикална (вратна) спондилоза
Почетна » Здравје » Заболувања » Цервикална (вратна) спондилоза

Цервикална (вратна) спондилоза

Спондилозата претставува заболување кое настанува поради дегенеративни промени на ‘рбетот, примарно на интервертебралниот диск (структура поставена измеѓу два пршлена) и зглобната ‘рскавица. Ова заболување може да го зафати кој било дел од ‘рбетот, па затоа разликуваме:

  1. Цервикална спондилоза – заболувањето е локализирано во пределот на вратот;
  2. Торакална спондилоза – заболувањето е локализирано во средниот дел од ‘рбетот;
  3. Лумбална спондилоза – заболувањето е локализирано во долниот дел од грбот (лумбално).

Цервикалната (вратна) спондилоза е чест проблем особено кај постарите лица. Неофицијално се смета дека околу 25% од луѓето на 40-годишна возраст, 50% од луѓето на возраст од 40 до 60 години и 85% од луѓето над 60 години, имаат дегенеративни промени на интервертебралниот диск и може да искусат симптоми на вратна спондилоза.

Жена

Зошто се јавува?

Цервикалната спондилоза е резултат на процесот на стареење. Со тек на времето настануваат промени во ‘рбетните структури кои доведуваат до вратна спондилоза. Mоже да станува збор за:

  • Појава на остеофити. Остеофитите претставуваат коскени израстоци, кои доколку се формираат на ‘рбетот, може да прават притисок врз нервните корени или ‘рбетниот мозок.
  • Дегенерација на интервертебрален дискус. Интервертебралниот дискус е структура поставена измеѓу два пршлена, која има улога на „амортизер“ на ‘рбетот. Со тек на времето настануваат промени во интервертебралниот дискус, како загуба на еластичноста и намалување на целокупната маса, со што се зголемува можноста за директен контакт измеѓу засегнатите прешлени.
  • Херниран интервертебрален дискус. Доколку поради која било причина настане расцеп на дискусот, централниот дел пролабира и прави притисок на околните нерви и структури.
  • Задебелување на лигаментите. Лигаментите се структури кои имаат за задача да ги поврзуваат коските една со друга. Доколку настане задебелување на лигаментите кои ги поврзуваат вратните пршлени, се ограничува движењето на вратот и се намалува флексибилноста.

Кои се ризик фактори?

Покрај возраста, што е примарен фактор за појава на вратна спондилоза, други ризик фактори се:

  • Намалена физичка активност;
  • Зголемена телесна тежина;
  • Претходни повреди на вратот и ‘рбетот;
  • Претходна операција на вратот и ‘рбетот;
  • Често носење и кревање на тежок товар.

Симптоми и знаци

Најчесто болеста се манифестира со следните симптоми:

  • Болка и вкочанетост во вратот;
  • Ограничени движења на вратот;
  • Болка и вкочанетост на рамената;
  • Главоболка;
  • Вртоглавица.

Со напредувањето на болеста, како резултат на промените кои настануваат при спондилоза, може да дојде и до стеснување на спиналниот канал – спинална стеноза. Спиналната стеноза може да биде причина за појава на радикулопатија или миелопатија.

  • Цервикална радикулопатија се јавува доколку настане повреда или иритација на цервикалните нерви. Покрај спинална стеноза, причини може да бидат и притисок од херниран интервертебрален диск како и дегенеративни промени на интервертебралниот диск. Симптомите при цервикална радикулопатија се болка, слабост, трнење и намалена осетливост во оној дел од телото кој е инервиран од повредениот нерв (врат, рамена, раце, гради или горен дел од грб).
  • Цервикална миелопатија. Како резултат на спиналната стеноза, може да настане компресија на ‘рбетниот мозок во вратниот дел и со тоа се спречува нормалниот пренос на нервните импулси. Во тој случај се јавуваат следните симптоми: потешкотии при одот и одржување на рамнотежата, трнење и слабост на рацете и нозете, потешкотии при извршување на фини движења (пр. проблеми при пишување), нарушена контрола на процесот на мокрење и/или дефекација и др.

Дијагноза

За да се постави дефинитивна дијагноза дали станува збор за цервикална спондилоза, потребно е прво да се направи детална анамнеза и физикален преглед. Лекарот треба да ја прегледа подвижноста на вратот и да направи комплетен невролошки преглед. Дополнително, за помагање во дијагнозата служат и имиџинг техниките како компјутерска томографија, РТГ или магнетна резонанца.

Жена

Лекување

Во најголем дел од случаите третманот вклучува конзервативна терапија, а главна цел е ослободување од болката. Се советува:

  1. Нестероидни антиинфламаторни лекови. НСАИЛ како Naproxen, Ketoprofen, Ibuprofen се лекови кои помагаат при третманот на континуирана болка.
  2. Мускулни релаксанти. Згрченоста на вратните мускули може да се намали со помош на миорелаксанти.
  3. Кортикостероиди. Кортикостероидите може да помогнат за намалување на болката. Сепак, треба да се земат предвид и несаканите ефекти од лекот.
  4. Физикална терапија. Изометрични вежби и вежби со отпор може да помогнат во справување со хроничната вратна болка. Затоа, консултирајте со специјалист по физикална медицина, за да добиете соодветна препорака за тоа кои вежби треба да ги практикувате за да ја зајакнете вратната мускулатура.
  5. Топли или ладни облоги. Облогите не се долготрајно решение, но може да помогнат во моментално намалување на болката. Која облога повеќе ќе помогне е индивидуално.
  6. Масажа. За моментално намалување на болката, практикувајте масажа на проблематичното место.
  7. Хируршки третман. Доколку горенаведените начини на лекување не се успешни и клиничката слика се влошува, постои опција за хируршко лекување. Најчесто се применува доколку постои притисок на ‘рбетниот мозок или нервите, а целта на хируршкиот третман е отстранување на притисокот.
Медицина

Д-р Марија Михајловска
Доктор по медицина

Анкета

Анкета
Каде планирате да одите на одмор летово?
  • 40%
  • 14%
  • 25%
  • 21%
Се испраќа...

(Вкупно: 9729 гласа)

Цитат

Некои од најдобрите спомени се создадени во апостолки.

Кели Елмор

Виц

Крем со колкав фактор?

- Со 20.

Доволно ќе ви е?

- Ако згрешам, нека изгорам.