Труење со храна
Почетна » Здравје » Заболувања » Труење со храна

Труење со храна

Труењето со храна или вода е често заболување кое се јавува како резултат на внесување на храна или вода која содржи бактерии, паразити, вируси или токсини создадени од овие микроорганизми. Симптомите најчесто се манифестираат во тек на 24 часа, неочекувано, набргу по консумирање на загадената храна. Ова заболување може да се јави кај еден човек или кај група луѓе кои јаделе од истата контаминирана храна.

Труење со храна

Зошто инциденцата е поголема во летниот период?

Труењето со храна може да се јави во кој било период од годината, но несомнено пикот го достигнува во топлите месеци. Една од причините е состојбата на временските услови. Високите температури и влажноста во летниот период им овозможуваат на бактериите да се размножат многу брзо и во голем број. Штом ова ќе се случи, оној што ќе ја проба контаминираната храна многу веројатно е дека ќе се разболи. Друга причина е зголемената активност на луѓето. Во лето се зголемува бројот на луѓе кои готват надвор, одат на пикник или кампуваат. Со тоа кујнската комфорност (фрижидерот, термостатот за контролирање на готвењето, машината за миење садови) најчесто не е достапна.

Начини на загадување на храната

Труењето со храна најчесто се јавува при јадење и пиење на:

  • Храна приготвена од готвач кој не одржува постојана и соодветна хигиена на рацете;
  • Храна приготвена со помош на контаминиран кујнски прибор;
  • Млечни производи или храна која содржи мајонез, а кои се чуваат надвор од фрижидер подолго време;
  • Замрзната храна која не е чувана на соодветна температура;
  • Сирова риба и остриги;
  • Свеж зеленчук и овошје кои не се соодветно измиени;
  • Недоволно термички обработени јајца и месо;
  • Вода од бунар или поток која не е претходно прочистена;
  • Месни производи контаминирани со бактерии преку ингестирање на микроорганизмот од страна на животното чие месо се употребува;
  • Вода која содржи фекалии, а се користи за наводнување на растенијата.

Најчести причинители

Постојат голем број микроорганизми кои предизвикуваат труење со храна, но најчести се:

Причинител Појава на првите симптоми Контаминирана храна и начин на пренесување
Clostridium perfringens 8-16 часа Месо и месни производи, сос во кој е готвено месото
Staphylococcus aureus 1-6 часа Месо и приготвени салати, крем сосови, слатки со крем. Може да се шири при контакт со рака, кашлање или кивање од контаминирана индивидуа.
Salmonella 24-72 часа Сирово месо, млеко, јајца и жолчка од јајца. Преживува при несоодветно приготвување. Може да се пренесе доколку се контаминирани рацете на готвачот, ножеви, површини за сечење на храна.
Clostridium botulinum 12-72 часа Храна во конзерва со ниска киселост, несоодветно затворени конзерви, чадена и солена риба, компир печен во алуминиумска фолија, храна која се чува на собна температура подолго време.
Bacillus cereus 8-16 часа Јајца, месо, млечни производи, растенија.
Campylobacter 2-5 дена Месо и јајца (контаминацијата настанува доколку загадениот фецес дојде во допир со храната), непастеризирано млеко, контаминирана вода.
Shigella 24-48 часа Морска храна и сирова свежа храна. Може да се пренесе доколку готвачот е контаминиран.
E. coli 1-8 дена Говедско месо контаминирано со фецес (најчесто се јавува кај недоволно термички обработено месо), непастеризирано млеко, контаминирана вода.
Rotavirus 1-3 дена Сирова храна. Може да се пренесе доколку готвачот е контаминиран.

Симптоми и компликации

Симптомите зависат од изворот и причинителот на контаминација. Повеќето типови на труење предизвикуваат еден или повеќе од следните симптоми:

  • Гадење;
  • Повраќање;
  • Дијареја;
  • Грчеви и болки во стомакот;
  • Висока температура;
  • Треска;
  • Слабост.

Симптомите може да се јават неколку часа до неколку дена по консумацијата на контаминираната храна, а да перзистираат од 1 до 10 дена.

Најчеста компликација е дехидратацијата. Помалку застапени, но посериозни компликации се артритис, крварење, оштетување на нервниот систем, проблеми со бубрезите, оток или иритација на ткивото околу срцето.

Кога да побарате помош од лекар?

Веднаш треба да се обратите во најблискиот здравствен центар доколку имате:

  • Крв или гној во столицата;
  • Дијареја, а притоа не можете да пиете течности поради гадење и повраќање;
  • Температура над 38 степени пропратена со дијареја;
  • Знаци за дехидратација (жед, вртоглавица, главоболки);
  • Дијареја која не се подобрува по 5 дена;
  • Дете кое повраќа повеќе од 12 часа (кога станува збор за бебе до 3 месеци, треба да одите на лекар веднаш штом ќе започне дијарејата или повраќањето);
  • Труење од риба или печурки, ботулизам.

Како да си помогнете?

  1. Одморете го желудникот. Не јадете неколку часа.
  2. Пијте многу вода. Возрасните треба да пијат од 8 до 16 чаши вода дневно, но во помали количини повеќе пати за да се спречи дехидратација. Ќе знаете дека внесувате доволно вода кога ќе почнете да уринирате нормално, а бојата на урината од темна ќе премине во нормална.
  3. Јадете лесна храна. По неколку часа одмор на желудникот, треба да внесувате храна која лесно се вари, како бисквити, тост, желатин, банани, ориз. Но, треба да прекинете со јадење доколку ви се врати нагонот за повраќање.
  4. Избегнувајте одредена храна и супстанции додека не се чувствувате подобро. Станува збор за млечни производи, кофеин, алкохол, никотин, како и тешка мрсна храна.
  5. Добро одморете се. Самата болест и дехидратацијата може да ве направи истоштени и малаксани.
  6. Не користете лекови против дијареја. Таквите лекови наместо да ви помогнат да ја излечите дијарејата, може да ја спречат елиминацијата на бактеријата или токсинот од вашиот систем и да ви ја влошат состојбата.

Анкета

Анкета
Сметате ли дека е добра мерката за задолжително носење на заштитна опрема на лицето (маска, шал)?
  • 63%
  • 37%
Се испраќа...

(Вкупно: 6146 гласа)

Цитат

Можеш да ги исечеш сите цвеќиња, но не можеш да ја спречиш пролетта да дојде.

Пабло Неруда

Виц

Се качувам на вага по завршувањето на карантинот.

Вагата покажува: „Ве молам почитувајте социјално дистанцирање. Качувајте се еден по еден!“