Почетна » Здравје » Заболувања » Менингитис

Менингитис

Менингитисот е сериозно заболување кое глобално предизвикува смрт на околу 1.000 лица секој ден. Најчесто ја афектира помладата популација, а постои можност да се јави и кај постари луѓе. Лицата кои страдаат од некое хронично заболување или имаат ослабен имун систем имаат зголемен ризик да заболат од менингитис.

Менингитис

Што е менингитис и што го предизвикува?

Менингитисот претставува воспаление на менингите, односно мембраните кои го обвиваат мозокот. Ова заболување најчесто е резултат на инфекција која до мозочните обвивки може да дојде преку крвната циркулација или од околни структури (параназални синуси, средното уво и др.). Станува збор за исклучително заразно заболување кое може да се пренесе преку нечисти раце, кашлање, кивање или близок контакт. Во зависност од тоа кој тип на микроорганизам е причинител на инфекцијата, разликуваме:

  • Вирусен менингитис. Најголем дел од случаите на менингитис се резултат на вирусна инфекција. Овој тип на менингитис е со поблага симптоматологија и може да се повлече без терапија.
  • Бактериски менингитис. Најчести предизвикувачи на овој тип менингитис се бактериите Streptococcus pneumoniae, Neisseria meningitidis, Haemophilus influenzae и Listeria monocytogenes. По поставување на дијагнозата за бактериски менингитис, се советува веднаш да се започне со лекување, бидејќи може да предизвика значајно оштетување на мозочното ткиво и да заврши летално.
  • Менингитис предизвикан од габички. Станува збор за редок тип на менингитис кој за разлика од претходните два, не се пренесува од човек на човек.

Покрај инфекциите, постојат и други причини за појава на менингитис, како некои типови на рак, саркоидоза, алергии на одредени лекови и сл.

Кои се симптомите и знаците на менингитис?

Kај деца над 2 години и кај возрасни при менингитис се јавуваат следните симптоми и знаци:

  • Вкочанет врат;
  • Фотофобија (пречувствителност на светлина);
  • Силна главоболка;
  • Гадење и повраќање;
  • Висока температура;
  • Поспаност;
  • Намален апетит;
  • Конвулзии;
  • Нарушување на свеста;
  • Кожен осип.

Кај новороденчињата и децата до 2-годишна возраст може да отсуствуваат класичните знаци и симптоми, па менингитисот се манифестира со:

  • Покачена температура;
  • Постојано плачење;
  • Намален апетит;
  • Вкочанетост на вратот или телото;
  • Оток/испакнување во пределот на големата фонтанела;
  • Прекумерно спиење;
  • Иритабилност;
  • Намалена активност;
  • Поспаност;

Внимание! Не мора да се присутни сите горенаведени симптоми за да станува збор за менингитис.

Кои се можни компликации?

Колку подолго е присутна болеста, толку е поголем ризикот за појава на компликации од менингитис како:

  • Оштетување на слухот;
  • Шок;
  • Оштетување на бубрезите;
  • Епилепсија;
  • Проблеми со говорот;
  • Церебрална парализа;
  • Оштетување на видот;
  • Когнитивни нарушувања;
  • Смрт.

Како се дијагностицира?

  • Крвни анализи. Лабораториските и микробиолошките испитувања на крвта помагаат во поставување на дијагнозата.
  • РТГ и КТ. Со цел да се открие дали е присутна инфекција на други структури во близина на мозочното ткиво, се користат визуализациски испитувања како РТГ или компјутерска томографија.
  • Лумбална пункција. За поставување на дефинитивна дијагноза, потребно е да се направи лумбална пункција. Станува збор за процедура со која се зема примерок од цереброспиналната течност. Анализата на оваа течност покажува за каков тип на менингитис станува збор.

Кога треба да посетите лекар?

Веднаш побарајте медицинска помош доколку забележите кој било од знаците или симптомите на менингитис, особено ако станува збор за:

  • Фотофобија;
  • Вкочанет врат;
  • Покачена температура;
  • Конфузија;
  • Силни главоболки;
  • Кожен осип.

Вирусниот менингитис може да помине без третман, но доколку станува збор за бактериски менингитис, треба да се реагира веднаш и да се даде соодветна антибиотска терапија. Одложувањето на третманот за бактериски менингитис го зголемува ризикот од несакани последици и може да има летален исход во рок од неколку дена.

Напомена: Доколку сте биле во близок контакт со личност која е болна од менингитис, консултирајте се со вашиот лекар. Можеби е потребно превентивно да примите антибиотска терапија.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9464 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.