Интервју со д-р Енвер Идоски: Ризик фактори за појава на кардиоваскуларни заболувања
Почетна » Здравје » Заболувања » Интервју со д-р Енвер Идоски: Ризик фактори за појава на кардиоваскуларни заболувања

Интервју со д-р Енвер Идоски: Ризик фактори за појава на кардиоваскуларни заболувања

Кардиоваскуларните болести (КВБ) се водечка причина за смрт на глобално ниво, одземајќи околу 17,9 милиони животи годишно. За ризик факторите, симптомите кои не треба да ги игнорираме, лекувањето и превенцијата поразговаравме со д-р Енвер Идоски, специјалист по интерна медицина, супспецијалист кардиолог во клиниката „Жан Митрев“.

Д-р Енвер ИдоскиД-р Енвер Идоски

Најважните ризик фактори кога станува збор за срцевите заболувања и мозочни удари се нездравата исхрана, физичката неактивност, употребата на тутун. Кои се другите ризик фактори за појава на кардиоваскуларните заболувања?

Д-р Идоски: Кардиоваскуларните заболувања се најчестата причина за смрт, како во светот, така и во нашата држава. Од сите кардиоваскуларни заболувањa, како причина за смрт во најголем процент се последиците на атеросклерозата (миокардниот инфаркт и мозочниот удар). Основните ризик фактори за појавата на кардиоваскуларните заболувања се: висок крвен притисок – хипертензија, високо ниво на холестерол, шеќерна болест, пушење, генетски предиспозиции, стрес, инфекции, ревматизaм.

Високиот крвен притисок е еден од главните виновници кои водат до КВБ, па оттука е многу битно да се одржува во нормала. Во кои случаи е неопходно да се започне со медикаментозна терапија?

Д-р Идоски: Хипертензијата е болест која често не дава никакви симптоми, а подмолно води до оштетување на крвните садови. Оптималниот крвен притисок е: систолeн < 120 mmHg, а дијастолeн < 80 mmHg. При крвен притисок повисок од 140/90 mmHg, неопходно е да се започне со терапија. Доколку немедикаментозните препораки, како намалена употреба на сол во исхраната (максимум 5 г) и зголемената физичка активност, не доведат до намалување на притисокот, задолжително е покрај нив, вклучување и на медикаментозна терапија. Изборот на лекот зависи од придружните заболувања. Кај некои пациенти доволен е само еден лек за нормализирање на притисокот, а кај други потребни се повеќе лекови. За адекватна контрола на крвниот притисок, потребно е негово редовно следење. Постои и 24-часовен мониторинг на крвниот притисок.

Колку промените во начинот на исхрана може да помогнат во намалување на нивото на холестеролот во крвта и што доколку истите не даваат резултат, односно нивото на холестерол и понатаму останува високо?

Д-р Идоски: Холестеролот и триглицеридите се неопходни за човекот. Ако нивнотo ниво е во референтни граници, тогаш сè е во ред. Доколку се покачени, тогаш станува збор за болест наречена дислипидемија. Промените во начинот на исхраната (избегнување на свинско и јагнешко месо, јајца, заситени масти) се првите чекори кои треба да се преземат. Кога општиот холестерол и покрај преземените мерки останува висок, а особено е високо нивото на LDL холестеролот, потребно е отпочнување со медикаментозна терапија. Се користат лекови од групата на статини. Целта на овие лекови не е само намалената бројка на холестеролот во лабораториските анализи, туку тие доведуваат и до стабилизирање на атеросклеротичните плаки-наслаги, и на тој начин се намалува ризикот од акутен миокарден инфаркт или мозочен удар.

Пушењето е еден од главните ризик фактори за појава на кардиоваскуларните заболувања. Дали и колку со откажувањето на цигарите се намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања?

Д-р Идоски: Не само што се намалува ризикот од појава на кардиоваскуларни заболувања, туку според некои студии, три години по престанување со пушење, ризикот од коронарна болест скоро се изедначува со ризикот кај непушачите.

Познато е дека срцевите заболувања се во корелација со годишните времиња. На кој начин временските прилики влијаат врз срцево болните пациенти?

Д-р Идоски: Кај пациенти кои веќе имаат срцева болест или некој од споменатите ризик фактори, посебно нeнадејните временски промени може да доведат до неочекувано влошување на нивната здравствена состојба. Кога има вакви и временски осцилации, организмот не може веднаш да се адаптира. Лачењето на ACTH или хормонот на стресот од хипофизата се зголемува, a се намалува лачењето на ендорфините кои се хормони на среќата – кои ја намалуваат болката. Студеното време е поголем непријател за срцево болните пациенти. Студот доведува до вазоконстрикција (стегање на крвните садoви) кое води до зголемување на крвниот притисок и до оптоварување на срцето поради што може да настане моментално влошување на состојбата на пациентот. Поради таа причина и дозирањето на лековите за регулирање на артерискиот притисок се со различни дози во ладните и топлите периоди од годината.

Но, имајте предвид корекцијата на дозите треба да ја направи исклучиво кардиолог. Во зимскиот период, со оглед на нашите традиции повеќе се консумираат зимници, кои како што знаеме содржат огромно количество на сол како конзерванс, а таа е еден од најголемите непријатели на срцето. Натриумот кој го има во солта го зголемува многу крвниот притисок, a тоа е причина за оптоварување на срцето и влошување на состојбата. Во поладните периоди од годината, почести се и гриповите, кои претставуваат голем стрес за организмот, особeно за веќе разболен организам. Зголемената телесна температура доведува до забрзана срцева работа и неретко пад на крвниот притисок поради што можни се нагли влошувања на постоечките кардиоваскуларни заболувања, или појавa на нови.

Д-р Енвер Идоски

Се наоѓаме на прагот на летото – како летните температури се одразуваат врз работата на срцето?

Д-р Идоски: Во летниот период се случува обратното, од топлината настанува вазодилатација (ширење на крвните садови), поинтензивна е загубата на течности и минерали и како резултат на тоа, се намалува крвниот притисок, па чести се колапсните состојби. Влагата и нискиот атмосферски притисок го намалуваат потењето, што го оптоварува срцето и тогаш тоа работи како да е под физички напор. Поради овие причини, потребна е повторна корекција на кардиолошката терапија, но пак ќе напоменам, корекцијата се прави од кардиолог по направен комплетен кардиолошки преглед (ЕКГ, ехокардиографија, по потреба 24 часовен холтер за следење на крвниот притисок и 24 часовен холтер ЕКГ мониторинг). Сите овие иследувања се достапни во клиничката болница „Жан Митрев“, секој ден и без чекање. Секако и терапија и совет за понатамошен третман врз основа на добиените резултати и метеоролошките услови.

Кои се симптомите кои упатуваат на специјалистички преглед кај кардиолог? Кога е време да се посомневаме и да реагираме неодложно, сериозно да ја сфатиме состојбата во која се наоѓаме?

Д-р Идоски: Пациентите кои веќе знаат дека имаат кардиоваскуларно заболување и забележат дека срцето не им работи рамномерно како порано, дека чука забрзaно, прескокнува или пак притисокот им се зголемува/намалува и покрај редовно земaње на терапија препишана од кардиолог, ако почувствуваат отежнато дишење или болка, стегање во градите или недостиг на воздух, веднаш да се јават на кардиолог. Додека пак, луѓето кај кои не е дијагностицирано срцево заболување, a имаат некој од веќе споменатите ризик фактори или немаат, а почувствуваат болка во градите во вид на стегање, гушење, недостиг на воздух, болка во левата рака или долната вилица посебно при физичко оптоварување, погрешно е мислeњето дека е од времето, дека не е страшно, и да не преземат ништо. Напротив, треба сериозно да се сфати таа состојба. Наглата временска промена е таа што предизвикува стрес на кардиоваскуларниот систем и веќе довела и клинички да се манифестира болеста. Затоа веднаш треба да се направи преглед и да се преземат соодветни мерки.

Како што веќе споменавте, болката во градите треба да се сфати сериозно и да се побара лекарска помош. Како се третираат овие пациенти, какви иследувања треба да се направат при појава на градна болка?

Д-р Идоски: Вашиот кардиолог внимателно ќе ги ислуша вашите тегоби, ќе ви направи ЕКГ, и ехокардиографија, тоа е базичниот преглед. Доколку се установи дека се работи за најчестото кардиоваскуларно заболување - коронарна болест т.е. затнување на крвните садови што го хранат срцето, вашиот кардиолог ќе ви предложи понатамошни иследувања како што е коронарографија - златен стандард за дијагноза на коронарната болест. Во клиничката болница „Жан Митрев“ има два начини за изведување на коронарографијата: едниот е со помош на минимално инвазивната метода – компјутерско снимање со 256 слојни пресечи при што се гледаат крвните садови што го хранат срцето, или со класична коронарографија со катетер. И за двете иследувања престојот во болница е амбулантски 3-4 часа. Доколку при снимањето се установи затнување на крвните жили на срцето, постојат три начини на решавање на болеста:

  1. Со лекови, но само доколку пациентот е дојден во првите неколку часа од градната болка;
  2. Со поставување на стент за отвoрање на затната/запушената артерија;
  3. Во случај на повеќе затнувања/запушувања кои не се погодни за стентирање и/или пак пациентот има и придружна болест на залистоците на срцето, во консултација со академик д-р Жан Митрев се препорачува хируршки третман. Во последниов случај, коронарографијата и операцијата за пациентите од нашата земја се покриени од фондот за здравствено осигурување и се бесплатни во клиничката болница „Жан Митрев“.

Како што веќе спомнав кардиоваскуларните заболувања се чести, но не неизлечливи. За краток временски период, пациентите ќе можат да се вратат дома и да продолжат непречено да си ги извршуваат своите обврски водејќи квалитетен живот.

Што се случува доколку при снимање се установи затнување на крвните садови на мозокот и на нозете?

Д-р Идоски: Најновите студии покажуваат дека мозочните удари и гангрените на нозете се најчести во пролетниот период. Доколку симптомите и ехографскиот преглед укажуваат на опасност од мозочен удар поради затнување на крвните садови што го хранат мозокот или од појава на гангрена поради затнување на артериите на нозете, тогаш се препорачува 256 слоен МСКТ на тие крвни садови и доколку болеста е напредната, повторно во консултација со aкадемик д-р Жан Митрев, ќе биде извршен хируршки третман при што ќе се спаси мозокот или нозете. A пациентот за два-три дена ќе може да се врати дома и полека да започне со извршување на секојдневните работни обврски. На овој начин значително се намалува инвалидетот и отсуството од работа.

Каротидни артерииКаротидни артерии Периферни артерииПериферни артерии

Кои се Вашите препораки кога станува збор за превенција на кардиоваскуларните заболувања? На што треба да се внимава и што можеме како поединици да преземеме и да направиме за себе и за сопственото здравје?

Д-р Идоски: Редовно контролирање и третирање на ризик факторите на кои може да влијаеме, а тоа е регулирање на крвниот притисок, немедикаментозно со значително намалување на солта во храната, редовно пешачење, редовно земање на препишаните лекови од вашиот кардиолог. Регулирање на холестеролот и триглицеридите со тоа што ќе избегнувате консумирање на свинско и јагнешко месо, јајца, преработени продукти од месо, мајонез и секако ќе се откажете од пушењето, а наместо сето ова ќе консумирате повеќе риба, овошје и зеленчук, по можност органски т.е. одгледувани без пестициди и далеку од загадувањето.

Редовна контрола на дијабетот од страна на ендокринолог е многу важна во контролирањето на кардиоваскуларните заболувања. Да не заборавам да напоменам дека треба да се избегнува излегување надвор во студениот период или во многу топлиот период од денот. Препорачувам внесување на повеќе течности во летниот период и консултација со вашиот кардиолог при секоја промена на вашата здравствена состојба.

Медицина

Д-р Енвер Идоски
специјалист по интерна медицина, супспецијалист кардиолог
„Жан Митрев Клиника“ – Скопје

Анкета

Анкета
Колку често купувате онлајн?
  • 37%
  • 30%
  • 17%
  • 16%
Се испраќа...

(Вкупно: 1927 гласа)

Цитат

ПЕЈ како никој да не те слуша, ЉУБИ како никогаш да не си бил повреден, ТАНЦУВАЈ како никој да не те гледа и ЖИВЕЈ како на Земјата да е рај.

Непознат автор

Виц

Разговараат сопруг и сопруга:

Тој: Пак ми ја имаш „исчистено“ сметката.

Таа: Па да, затоа што те сакам.

Тој: Каква врска имаат парите со љубовта?

Таа: Знаеш како велат - Чиста сметка, долга љубов.