Дипитренова контрактура претставува скршеница на шаката при што прстите се свиткани кон дланката со неможност за целосно да се исправат (екстендираат). Оваа болест своето име го добила по баронот Гијом Дипитрен (Guillaume Dupuytren) – хирург кој прв ја опишал оваа состојба.
Состојбата доведува до неможност за извршување на секојдневни активности како и неможност за извршување на професионални активности, особено кај лица чија работа вклучува мануелни активности.
Дипитреновата контрактура е предизвикана од фибробластна пролиферација која доведува до скратување и стврднување на поткожното ткиво (фасијата) во предел на дланката и најчесто се протега кон четвртиот прст, третиот прст или малиот прст. Болеста некогаш ги зафаќа и палецот и показалецот. Прогресијата е бавна и обично е безболна, понекогаш е проследена со осетливост на поткожно затегнување. Кај овие пациенти се формира стврднување на поткожното ткиво во облик на лента, која го затега и свиткува зафатениот прст кон дланката.
Симптоми
Во однос на клиничката слика, се разликуваат три различни симптоми:
- Деформитет на кожните набори
- Појава на поткожни нодули (јазли)
- Појава на контрактурни ленти
Почетокот на болеста е постапен, бавен и асимптоматски, со стврднување и огрубување на кожата на зафатениот прст. Подоцна се јавува тврдо испакнување на кожата во облик на чвор. Во натамошниот тек доаѓа до формирање на лента која оневозможува исправување на прстите.
Ризик фактори за појава на Дипитренова контрактура
Дипитреновата контрактура претставува специфично пореметување кое има одредени епидемиолошки карактеристики:
- Болеста е карактеристична за белата раса, најголема инциденца има во скандинавските земји. Речиси никогаш не се јавува кај лица од црната раса.
- Болеста е карактеристична за мажи и се јавува во сооднос 10:1 машки спрема женски.
- Болеста почнува да се појавува над 40 годишна возраст и се развива постепено.
- Болеста често се јавува кај лица кои имаат дијабет, алкохолна цироза на црниот дроб, како и кај епилептичари.
- Болеста се јавува со инциденца од 3-4% од целокупната светска популација.
- Поголем ризик имаат оние лица кои во извршување на професионалните активности многу ги користат рацете, како и оние кои имаат репетитивен стрес (напор) во пределот на рацете.
Третман
Третманот на Дипитреновата контрактура може да биде конзервативен или пак хируршки.
- Конзервативниот односно нехируршкиот третман е уште познат како фармакодинамско ослободување. Тој претставува метод при кој во пределот на контрактурните траки се аплицира кортикостероидна инекција во комбинација со иглена фасциотомија.
Ова е минимално инванзивна процедура која овозможува размекнување на формираното фиброзно ткиво. Оваа процедура се користи кај почетна или интермедиерно развиена форма на Дипитренова контрактура. - Хируршкиот третман на дипитреновата контрактура се препорачува кај напредна форма на Дипитренова контрактура. Јасна индикација за примена на хируршки третман е постоењето на флексиона контрактура во пределот на метакарпофалангеалниот зглоб од 30° или пак при контрактура во пределот на проксималниот интерфалангеален зглоб од 15°.
Хируршкиот третман се состои од засек на кожата во пределот на контрактурната трака и експлорација на создадената фиброзна творба. Тоа значи дека додека не се пресече кожата и не се увиди состојбата интраоперативно, не може да се одлучи за натамошни чекори. По ова следи отстранување на палмарната апонеуроза односно спроведување фасциектомија. Фасциектомијата во зависност од клиничката слика на пациентот може да биде преку отворен пристап, поткожен пристап, парцијална или комплетна фасциектомија. Самата операција овозможува добивање на максимално ниво на екстензија на прстите со задолжително зачувување на предоперативното ниво на флексија. Операцијата се изведува во регионална интравенска анестезија и истата е со времетраење од 45-60 минути.
Постоперативен третман
По спроведената операција потребно е пациентот да преноќи еден ден во болница, отпустот е следниот ден. Во натамошниот период се спроведува амбулантски третман кој се однесува на редовни преврски. Поставените конци во пределот на постоперативната рана стои во траење од 14 дена. По 14 дена пациентот потребно е да започне физикален третман за добивање максимални ефекти.
Пациентите по спроведена операција на Дипитренова контрактура можат да се вратат на работа во периодот од 14 до 21 ден по извршената операција.
Можни компликации
Како и сите хируршки процедури, компликациите во тек на хируршкиот третман на дипитреновата контрактура можат да бидат: крварење, хематом, инфекција, дехисценција на постоперативната рана. Најсериозна компликација која може да се јави по спроведен хируршки третман на дипитренова контрактура претставува рефлексна симпатетичка дистрофија. Taa се јавува ретко и е конкретно поврзана со постоперативен третман кај лица од женски пол кај кои болеста се јавила пред 40 години возраст и е со рапиден развој.
Често поставувани прашања:
- Доколку болеста е присутна на повеќе прсти на иста рака дали може во тек на оперативниот третман да се коригира контрактурата на повеќе прсти?
Во тек на изведувањето на палмарната фасциектомија може да се изврши операција со која што се решава контрактурата на повеќе прсти - Дали операцијата може да се направи во локална анестезија?
Не, но се изведува во бледа стаза (истиснување на крвта од раката со цел да се добие бескрвно поле со помош на есмархова повеска), комбинирано со регионална интравенска анестезија – се анестезира комплетно подлактицата, но пациентот е буден. - Доколку болеста е присутна на двете раце, дали може да се оперираат двете раце во исти акт?
Може да се оперираат во исти акт, но тоа би го отежнало изведувањето на секојдневните активности на пациентот во постоперативниот период. - Доколку контрактурата е многу напредна, дали може да се реши оперативно?
Контрактура која го доведува прстот да биде под агол во 90° во однос на шаката, значи дека е нарушена васкуларизацијата на прстот, што може да доведе до појава на некроза на кожниот покривач, кое што пак претставува индикација за ампутација на прстот.
Д-р Живорад Коцевски
Специјалист по пластична реконструктивна и естетска хирургија
„Жан Митрев Клиника“ – Скопје