Варикозни (проширени) вени
Почетна » Здравје » Заболувања » Варикозни (проширени) вени

Варикозни (проширени) вени

Варикозните вени претставуваат сини или темновиолетови, кривулесто проширени површински вени, кои најчесто се манифестираат на нозете. Иако нема точни податоци, се смета дека речиси половина од возрасната светска популација има проблем со венската циркулација, а околу 20-25% од жените и 10-15% мажи ширум светот имаат видливи варикозни вени.

Зошто се појавуваат проширени вени?

Вените претставуваат крвни садови на кои една од главните функции е насочување на крвта од ткивата и органите назад во срцето. За таа цел, голем дел од вените имаат залистоци (валвули), кои овозможуваат нормална циркулација на крвта. Благодарение на залистоците, се одржува правилната насока на движењето на венската крв. Ова е особено важно за венските крвни садови на нозете, каде доколку не би постоеле венските залистоци, поради гравитацијата крвта би се движела надолу, во спротивна насока од срцето, т.е. би заостанувала во површинските вени.

Нарушувањето на функцијата на венските залистоци е една од главните причини за појава на варикозни вени. Слабеењето на ѕидот на венските крвни садови, како и зголемувањето на венскиот притисок, исто така може да придонесат за појава на проширени вени.

Варикозни (проширени) вени

Ризик фактори

Фактори кои го зголемуваат ризикот за појава на проширни вени се:

  • Генетска предиспозиција. Доколку ваш близок член на семејството има проширени вени, ризикот и кај вас да се развие истата состојба е зголемен.
  • Пол. Жените имаат поголем ризик за појава на проширени вени. Се смета дека главната причина е во варирањето на женските хормоните во текот на животот.
  • Возраст. Ризикот за појава на варикозни вени се зголемува со возраста. Со тек на времето, кај дел од популацијата, залистоците на вените кои помагаат во регулирање на нормалниот проток на крвта се оштетуваат и не функционираат со полн капацитет. Затоа, дел од крвта наместо да се насочува кон срцето, заостанува во површинските вени.
  • Обезност. Зголемената телесна тежина прави дополнителен притисок врз венскиот систем, а тоа доведува до оштетување на залистоците и компромитирање на венскиот проток на крвта кон срцето.
  • Бременост. За време на бременоста, настануваат низа промени кои може да придонесат за појава на проширени вени. Зголемување на волуменот на крвта во телото, намалување на брзината на крвниот проток од нозете кон карлицата, хормонските промени кои го потенцираат проширувањето на крвните садови, зголемувањето на телесната тежина, како и притисокот на матката врз венскиот систем, се причини кои ја зголемуваат веројатноста за појава на варикозни вени во бременост.
    За среќа, доколку жената нема други ризик фактори, кај најголем дел од случаите, 3 до 12 месеци по бременоста, проширените вени се повлекуваат.
  • Пролонгирано стоење/седење. Колку помалку се движите, толку е потешко за вашите вени да ја испумпаат крвта кон срцето. Пролонгираното стоење и седење на едно место значително го зголемува ризикот за појава на варикозни вени. Затоа, доколку вашата работа наложува пролонгирано седење или стоење, потрудете се на секој час да се раздвижувате по неколку минути.

Симптоми и знаци

Клиничката слика на варикозните вени варира во зависност од степенот на тежината на заболувањето.

Може да се состои од следните симптоми и знаци:

  • Сини или темновиолетови вени видливи на површината на кожата на нозете;
  • Болка;
  • Чешање;
  • Чувство на тежина на ногата;
  • Оток во предел на зглобовите и стапалата;
  • Грчеви во мускулите;
  • Промена на пигментацијата на кожата околу проширената вена;
  • Чувство на топлина.

Голем дел од луѓето кои имаат варикозни вени на почетокот се без симптоматологија. Но, бидејќи во основа станува збор за хроничен проблем кој со тек на времето прогредира, потребно е навремено да се консултирате со вашиот лекар.

Компликации

Варикозните вени се релативно бенигна здравствена состојба. За жал, во одредени случаи може да се јават компликации. Најчесто станува збор за:

  1. Крварење. Бидејќи варикозните вени се во близина на површината на кожата, најмала траума или повреда (за време на туширање, при облекување или соблекување...) може да предизвика крварење.
    ВНИМАНИЕ: Доколку имате крварење поради повреда на варикозни вени, легнете и подигнете ги нозете нагоре, притоа држејќи директен притисок на раната. Доколку крварењето не запре, веднаш консултирајте се со вашиот лекар.
  2. Венска улцерација. Станува збор за кожна промена, која најчесто се јавува во пределот на глуждовите како резултат на нарушената венска циркулација. Токму затоа венските улцери тешко заздравуваат. Во голем дел од случаите, непосредно пред појавата на венските улцери, доаѓа до промена во пигментацијата на кожата. Затоа, навреме консултирате го Вашиот лекар доколку забележите дисколорација на кожата, особено во пределот на глуждовите.
  3. Суперфициелен (површински) тромбофлеитис. Тромбофлебитис е состојба која се карактеризира како инфламаторен процес при кој се формира тромб, кој доведува до блокирање на еден или повеќе венски крвни садови, најчесто на долните екстремитети. Доколку засегнатата вена е површинска, тогаш станува збор за суперфициелен тромбофлебитис. Кај повеќето површински вени кај кои се развива тромбоза, паралелено е присутен и флебитис (воспаление на венскиот крвен сад), за разлика од длабоката венска тромбоза, состојба која може да биде и асимптоматска без присутен флебитис.
  4. Длабока венска тромбоза. Симптоми при длабока венска тромбоза може да вклучуваат едем, болка на засегнатата нога, осетливост, топлина или црвенило на кожата на зафатената област.

Дијагноза

За поставување на дијагноза, потребни се добра анамнеза и физикален преглед. Дополнително може да се направи и васкуларен доплер со чија помош се визуелизираат проширените венски крвни садови. Станува збор за неинвазивна, безбедна и безболна метода, при што со ултразвучни бранови се прикажува структурата и функцијата на крвните садови.

Варикозни (проширени) вени

Третман

Опциите за третманот може да бидат нехируршки и хируршки.

  • Компресивните чорапи помагаат во нормалното функционирање на вените така што ги поставуваат залистоците во правилна позиција. На тој начин се намалува проширувањето на вените, отокот и болката, а може да доведе и до смирување на мускулните грчеви.
    Постојат неколку типови на чорапи со различни степени на компресија. Доколку оштетувањето на венскиот систем е поголемо, потребни се чорапи со поголем степен на компресија. Затоа, пред да ги набавите, најдобро е да се консултирате со вашиот лекар за да го направите правилниот избор.
  • Склеротерапија. Оваа процедура се состои од вбрзигување на раствор (склерозант) со помош на тенка игла, кој овозможува колабирање на aфектираните венски садови. На тој начин се спречува крвта да се движи кон третираната вена и се насочува да циркулира кон другите венски крвни садови. Со оваа метода најчесто се третираат вените со мала или средна големина.
    Сепак, склеротерапијата може да даде несакани ефекти како кафена дисколорација на кожата во пределот каде е извршен третманот, иритација и оштетување на ткивото кое ја опкружува афектираната вена.
    ВНИМАНИЕ: Склеротерапијата не се препорачува доколку пациентот има позитивна анамнеза за претходни венски тромбози, кај бремени жени, кај лица кои се алергични на скелрозантот.
  • Ласерски третман. При овој третман со помош на ласер се испраќа сноп на светлина во афектираната вена што доведува до нејзина аблација.
    ВНИМАНИЕ: Поради неадекватна употреба на ласерот може да дојде до изгореници на кожата, како и промени во пигментацијата на местото кое е третирано.
  • Хируршкиот третман за варикозни вени најчесто вклучува сафенектомија, флебектомија, радиофреквентна аблација и ендовенска ласерска терапија.
    Со хируршка интервенција се третираат големите проширени венски садови.

Превенција

Со цел превенција на варикозни вени, практикувајте ги следните совети:

Варикозни (проширени) вени
  • Подигната положба на нозете. За да ја подобрите циркулацијата, правете неколку кратки паузи во текот на денот и подигнете ги нозете над ниво на срцето. Се препорачува да легнете во хоризонтална положба, а нозете да ги поставите подигнати на 3 до 4 перници.
  • Исхрана. И покрај тоа што е познато дека за појавата на варикозни вени пресуден е генетскиот фактор, сепак со здрав начин на исхрана може да се заштити венскиот систем од дополнително оштетување. Се советува балансирана диета која вклучува растителни влакна, комплексни јагленохидрати, протеини и здрави масти. Исто така, се препорачува доволен внес на течности, најмалку 2 литри дневно, што би придонело за здрава циркулација. Покрај тоа, правилната исхрана овозможува превенција од зголемување на телесната тежина, што е дополнителен ризик фактор за појава на проширени вени.
  • Компресивните чорапи може да се употребуваат и превентивно. Во овој случај, се советува да се користат чорапи со најнизок степен на компресија.
  • Облека. Избегнувајте ги тесните, припиени панталони, како што се тесните фармерки. За превенција на проширени вени се препорачува удобна облека, која нема да врши компресија на вените на нозете. Со тоа се обезбедува нормален проток на крвта, што е од витално значење за здрави венски садови.
  • Обувки. Избегнувајте ги високите потпетици бидејќи поради нефизиолошката поставеност на стапалото, се нарушува нормалниот венски проток на крвта и со тоа се зголемува ризикот за појава на варикозни вени.
  • Физичка активност. Вежбањето е здрава животна навика, која помага во одржување на телесната тежина и превенција на голем број заболувања, вклучувајќи ги и варикозните вени. Се препорачува најмалку 20 минути пешачење 3 пати неделно, но доколку сте во седентарна положба подолг период од денот, се советува да пешачите најмалку 60 минути.
Медицина

Д-р Марија Михајловска
Доктор по медицина

Анкета

Анкета
Каде ќе одите/бевте на одмор ова лето?
  • 25%
  • 6%
  • 6%
  • 7%
  • 3%
  • 3%
  • 12%
  • 12%
  • 26%
Се испраќа...

(Вкупно: 10188 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?