Романсата на Мајкл и Шакира Кејн имала филмски почеток, а до ден-денес парот зрачи со љубов и посветеност.
88-годишната актерска легенда и 74-годишниот поранешен модел деновиве уживаат во Лондон, а нивната приказна сè уште ги фасцинира фановите.



Еден од најдолгите бракови во Холивуд започнал благодарение на реклама. Во 1971 година, Кејн првпат ја видел Шакира во телевизиска реклама и веднаш почувствувал пеперутки во стомакот. „Срцето започна силно да ми чука и ми препотеа дланките“ – се сеќава тој.
Без да размислува ниту секунда, славниот актер му рекол на свој пријател дека сака да ја запознае Шакира. Понесен од емоциите, тој дури и го убедил пријателот заедно да одат во Бразил за да ја побараат.
Непосредно пред да заминат за Јужна Америка, Кејн отишол во бар и случајно наишол на познаник кој го известил дека Шакира не е преку океан, туку дека живее на помалку од 2 километри од него.
Мајкл 11 пати ѝ се јавувал на Шакира пред таа да прифати да излезе со него. „Се заљубив во неа за 8 минути, а нејзе ѝ требаа 2 часа да се заљуби во мене“ – се шегуваше Кејн во интервју.

Нивната љубов беше крунисана со брак во 1973 година и заедно имаат една ќерка, Наташа.


Години подоцна, во неговата книга „Blowing the Bloody Doors Off: And Other Lessons in Life“, Кејн признава дека Шакира му го спасила животот, бидејќи со нејзина помош се оттргнал од жестокиот алкохол.
„Никогаш не бев пијан на сет, но мислев дека мала вотка за појадок не е нешто загрижувачко и во раните 70-ти пиев по две шишиња на ден.“
„Шакира пристигна во мојот живот навреме. Чувството на празнина исчезна. Потоа, таа забремени и ми беше дадена втора шанса во татковството. Една година целосно се откажав од алкохолот, а сега никогаш не пијам денски, а со вечерата само вино. Шакира буквално ми го спаси животот“ – пишува тој во книгата.

Во долгата кариера, Кејн има снимено над 130 филма и има освоено бројни награди, меѓу кои и две оскаровски статуетки. Тој постојано работел со атрактивни актерки, но вели дека никогаш не бил во искушение да ја изневери својата избраничка.
„Во овој бизнис, опкружен си со убави жени, но имам јас убава жена дома. Ја имам една од најубавите жени коишто сум ги видел, па никогаш не бев во искушение да ја изневерам“ – појаснува тој.







Мајкл и Шакира се еден од ретките примери за силен холивудски брак.