Почетна » Убавина и мода » Мода » Топ 15 трендови за сезоната пролет/лето 2012

Топ 15 трендови за сезоната пролет/лето 2012

Неколку сезони трендовите нè охрабруваа да ѕиркаме во машките плакари и да позајмуваме од машкиот стил на облекување. Но, пролетта ја враќа доминацијата на женственоста.

Гламурот од 20-тите години, цветниот дезен, палетата на тренди бои која ќе варира од избледнети пастелни до шокантни неонски нијанси, „пеплум“ формите и плисето се јасни сигнали дека на преден план треба да ги поставиме нежноста и женственоста. Претстојните Олимписки игри донесоа на пистите и неочекуван спортски тренд, кој сигурно ќе наиде на голема популарност.

Еве ги трендовите во кои сигурно ќе пронајдете инспирација за вашите нови пролетни и летни модни комбинации:

Ледена пастелна палета

Сладоледните пастелни нијанси ќе ја одбележат сезоната пролет/лето. Нежната ментол зелена, деликатната сончева жолта, бебешката сина, млечната розова... Ако не можете да се одлучите за една, направете микс од неколку пастелни бои со кои ќе изгледате нежно како самовила.

Ледена пастелна палета

Дваесеттите во 21. век

Навраќањето на минатото како извор на инспирација се покажува како успешна тактика на дизајнерите. Модниот времеплов оваа сезона застана во гламурозните 20-ти години на минатиот век, па врз новите трендови силно влијание имаат духот на џез ерата и деталите во арт деко стил. Фустаните со спуштен струк тивко се протнаа во актуелните колекции и дамите ги прифаќаат без страв дека тоа ќе ја сокрие нивната женствена фигура.

Дваесеттите во 21. век

Фасцинација од длабочините на морето

Подводниот свет е новиот магичен извор на идеи за вистински впечатлива модна изјава. Од коралните гребени, морските ѕвезди и коњчиња, до митските сирени, нијансите на морските длабочини и текстурата и сјајот на рибините крлушки, буквално од сè можете да се инспирирате за да го доловите овој тренд, и тоа без да погрешите.

Фасцинација од длабочините на морето

„Пеплум“ – акцент на колковите

Кратките додатоци со набори поставени на блузите и сукњите кои ги потенцираат колковите се интересен начин за оцртување на женската силуета. Ако сте горди сопственички на тенка половина, ова е трендот на кој задолжително треба да му дадете шанса.

„Пеплум“ – акцент на колковите

Плисирани здолништа

Плисето се појави во сите форми – збиено или развеано, ситно како хармоника или крупно. Доминантни на пистите беа фустаните и сукњите изработени од тенки, лесни и проѕирни материјали, на кои плисираниот изглед им даваше динамичност.

Плисирани здолништа

„Краток“ летен костум

Кратките панталони со висок струк повторно ќе освојуваат, а ќе делуваат уште поатрактивно ако ги комбинирате со сако. Летните костуми се забавен начин да покажете повеќе од вашите нозе, без да изгубите ниту грам од својата префинетост.

„Краток“ летен костум

Неонски бои

Наспроти нежните пастелни нијанси, за похрабрите ќе биде поинтересен трендот на неонски бои кои инстантно го застануваат погледот. Силните портокалови, црвени, зелени и жолти нијанси ќе ни го подигаат расположението овие пролет и лето. Предлог: тесни фармерки во впечатлива боја.

Неонски бои

Морнарски шарм

Речиси ниту една пролетно-летна сезона не поминува без морнарското влијание. И во новата топла сезона запловете со имагинативни комбинации на сината, црвената и белата боја. Сино-белите риги кои се препознатлив елемент на овој стил искористете ги смело, но умно.

Морнарски шарм

Асиметрична елеганција

Асиметричните кроеви на едно рамо смело ги завладеаја модните писти и се издвоија како впечатлив тренд, кој асоцира на грациозноста на божица, а истовремено зрачи со суптилен сексапил благодарение на ограниченото разголување. Фустаните и блузите на едно рамо направија силен камбек, но не останаа незабележани и здолништата со несиметричен раб кои се пократки однапред, а подолги одназад .

Асиметрична елеганција

Бела преокупација

Белата боја доживува огромна застапеност во најдобро критикуваните колекции за новата сезона. А ние воопшто нема да се пожалиме, бидејќи сончевата сезона е совршена за преокупираност со белата боја. Црното мало фустанче веќе неколку сезони има силна конкуренција во белото мало фустанче. Белата тантела е полн погодок.

Бела преокупација

Спортски урбан шик

Спортски, но сепак женствени креации ги изненадија модните зависнички. Дизајнерите си поиграа со основните линии на спортската облека, модифицирајќи ги во знакот на футуристичкиот стил. Кежуал и комфорна, облеката со спортска тематика сигурно ќе си пронајде место на улиците.

Спортски урбан шик

Црвено-портокалова манија

Pantone ја прогласи црвено-портокаловата за боја на 2012 година и сосема очекувано таа обои многу дизајнерски креации. Оптимистичката црвеникава нијанса на портокаловата боја делува егзотично и огнено, па е идеална за случаите кога сакате да оставите силен впечаток.

Црвено-портокалова манија

Горни стомачни на показ

Крајно време е да влезете во фитнес сала ако сакате да експериментирате со трендот на прекратки блузички во комбинација со здолниште со висок струк. Областа од стомакот над папокот е новата ерогена зона во модната индустрија и речиси сите дизајнери ја разголија со модифицирани градници. Важно е да отскриете само малку кожа во горниот дел на стомакот, но не и папокот.

Горни стомачни на показ

Принт микс

Впечатливите принтови се најочигледниот начин да покажете дека сте во чекор со модата и дека имате чувство за стил. Принт над принт над принт – дизајнерите ги покажаа своите вештини за комбинирање на различни принтови и нè охрабруваат да го сториме истото. Цветни, тропски, егзотични, животински, графички, геометриски, дигитални, арт деко, етно... принтови со птици и такви инспирирани од морскиот свет – апсолутно сè е во игра.

Принт микс

Колор-блокинг

Трендот колор-блокинг го достигна врвот на својата популарност минатото лето, но сепак продолжува да биде инспирација за нови и нови комбинации. Извадете го вашиот авантуристички дух на виделина преку спојување на весели бои. Направете спој на трендовите колор-блокинг и пастелни нијанси и нема да морате да се плашите од модна грешка.

Колор-блокинг

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 10%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 9527 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.