Почетна » Убавина и мода » Мода » Жешки трендови кај костимите за капење – лето 2011

Жешки трендови кај костимите за капење – лето 2011

Без разлика дали планирате да го поминете летниот одмор на плажите на Охридското езеро, на некоја од морските плажи во блиските држави или на далечна егзотична дестинација, едно од најважните нешта на кое треба да му посветите внимание е изборот на костим за капење.

Како и секоја година, дизајнерите повторно понудија многу интересни трендови со цел да одговорат на различните вкусови и преференции на модерната жена. Повеќето од тие трендови се огледало на трендовите кај облеката.

Нема повеќе чекање, нурнете во новите трендови за да изберете модерен костим кој ќе придонесе да блеснете на плажа, а потоа и на друштвените мрежи каде што веројатно ќе завршат вашите фотографии.

Ретро убавина„Гол“ костим за супер тенКостим за капење со ригиКостим за капење со цветен дезенСексапилен костим за капењеКостим за капење во светли силни боиЗлатен костим за капењеКостим за капење украсен со метални додатоциЗабавен миксКостим за капење со текстура

Ретро убавина

Едноделните ретро костими за капење, инспирирани од 50-тите и 60-тите, се исто толку гламурозни колку и секси, иако покриваат малку повеќе кожа од другите модели.

Но, нема да погрешите и ако изберете дводелен костим со висок струк. Долниот дел на костимот завршува на најтенкиот дел од вашата половина, правејќи ве послаби и поженствени. Дополнителен плус е ако костимот е со коланче, бидејќи така многу повеќе доаѓа до израз фигурата на песочен часовник.

„Голи“ костими за супер тен

Исклучително „ин“ се костимите за капење во месо боја, или како што уште се нарекува, пудра боја.

Навистина, во текот на првите два дена од одморот ќе изгледате како голи, но во наредните денови ваквата боја на костимот за капење најдобро ќе го истакне вашиот нов бронзен тен.

Риги, риги, риги

Ригите ја освоија облеката и се присутни насекаде, па лесно можеше да се претпостави дека овој тренд ќе се пренесе и кај костимите за капење.

Првото нешто што ќе ви падне на памет кога ќе слушнете костими со риги е морнарски стил. Сепак, освен сино-белите риги, актуелни се и ригите во други бои.

Оптимистички цветен дезен

Донесете оптимизам и женственост во својот изглед преку цветен дезен. Костимите за капење со цветен дезен отсекогаш биле модерни и тешко ќе го отстапат своето место меѓу трендовите.

Претпочитајте дезен со ситни цветчиња наместо со големи цветови.

Див сексапил

Животинскиот принт повторно ќе ги освојува плажите. Покажете ја вашата дива авантуристичка страна со леопардски принт или со дезен на тигар или зебра.

Добрата вест е што не мора да избирате принтови во стандардни неутрални бои. Дизајнерите предлагаат леопардски или тигрести принтови во виолетови, сини или розови нијанси, па не се плашете од малку повеќе експериментирање.

Светли силни бои / колор блокинг

Коралната, портокаловата и црвено-розовата боја несомнено ќе ги свртат погледите кон вас, но ова лето не треба да се ограничувате кога станува збор за боите. Ако бојата е силна и воочлива, тогаш сте направиле добар избор. Впечатлива сина, смарагдно-зелена, светла жолта... не можете да погрешите.

Не заборавајте на трендот наречен колор блокинг (костимот да има големи блокови во различни бои).

Златна летна треска

Златниот костим ќе ви даде ултра гламурозен изглед. Не само што ќе блеснете под светлината на сончевите зраци, туку златната боја одлично ќе го надополни бронзениот тен што ќе го „фатите“ на плажа.

Костими украсени со додатоци како накит

Модерните костими вклучуваат метални додатоци кои ќе го збогатат вашиот изглед исто како да носите накит, но исто така „ин“ се и костимите украсени со пулејки или блескави „скапоцени“ камења.

Бидете внимателни при изборот за да не ви се случи да купите костим за капење кој ќе ви го уништи комфорот со металните детали.

Забавен микс

Доста интересен концепт кај трендовите е мешањето на принтови. На пример, горен дел во цветен или геометриски дезен или анимал принт, а еднобоен долен дел, или обратно.

Не се плашете да комбинирате различни комплети бикини. Од 3 бикини костими можете да си направите еден куп тренди комбинации.

Убавината е во текстурата

Дизајнерите оваа година ја издигнаа текстурата на пиедестал. Така, меѓу најжешките трендови се најдоа плетените костими и костимите за капење со чипка и набори.

Костимите кои наликуваат на долна облека беа присутни на модните писти, но веројатно ова е еден од оние трендови кои ќе останат во позадина.

Трендови за кои треба да знаете:

  • Костимите на едно рамо се помодерни од оние со две прерамки;
  • Преферирајте бикини без прерамки;
  • Не бегајте од бикини на врзување;
  • Сексапилните отсечоци сè уште се во мода и најмногу се истакнуваат преку модерните монокини (бикини кај кои горниот и долниот дел се поврзани со мало парче ткаенина)
  • Не ги потценувајте геометриските принтови;
  • Костимите со големи точки кои носат ретро изглед кој ќе ве направат гламурозна кралица на плажата.
Тренди костими за капење Тренди костими за капење

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 11%
  • 26%
  • 64%
Се испраќа...

(Вкупно: 10508 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.