Љубица Ангелкова: Не се битни лајковите, содржината е таа која одлучува
Почетна » Новости » Актуелно » Љубица Ангелкова: Не се битни лајковите, содржината е таа која одлучува

Љубица Ангелкова: Не се битни лајковите, содржината е таа која одлучува

Љубица Ангелкова, по професија е новинарка, а со односи со јавност се занимава веќе три години. Таа е фриленсер која обединува повеќе свои експертизи од областа на комуникациите, маркетингот и медиумите. Во слободно време сè уште пишува и снима за некои од македонските печатени и дигитални медиуми, зошто, како што самата признава, еден од најубавите начини да се релаксира од интензивниот ангажман како ПР е кога има допир со новинарството.

Искуството кое го има стекнато во медиумите, усовршувањето во САД, Велика Британија и Германија, ангажманот кој го има како ментор и тренер на новите генерации, бројните награди и признанија кои низ годините ги добила, само ја етаблирале на листата на личности кои денес ја развиваат професијата на едно поинакво ниво.

Љубица Ангелкова

Изминатите три години, нејзината работа како ПР фрли нова светлина на бројни настани, кампањи, визибилност на компании и личности. Фестивалот на Монодрама, Битола Отворен Град, Фестивал на музика од светот, И од Битола се може(и), Шекспир фестивалот, два проекти финансирани од ЕУ Genuine Experiences и Discovering Hidden Attractions... се само дел од проектите зад чиј моќен ПР беше нејзиното име. Нејзиниот потпис се препознава и во дигиталниот маркетинг кој го работи за одредени компании.

За непостоењето на универзални правила, за изборот на работа на проекти кои прават суштинска разлика во општеството и за тоа како мали нешта во животот ѝ станаа големи, повеќе ќе прочитате во продолжение.

Што е она што е важно за една личност која работи како ПР советник, односно како експерт за односи со јавност, да остане во „жижата“ и да испорача секогаш добар квалитет?

- Верувам дека секогаш зад нас, во мојата, во вашата и во било која професија треба да стои труд, многу труд и она што го работиме да го работиме со многу љубов, инаку ќе заглавиме во една досадна колотечина во која прво страда креативноста, а потоа и резултатите од двете страни - како за мене, така и за клиентите.

Да се работи ПР е динамична работа, не постои работно време, се вплеткувате во орото на километарски кампањи, на деноноќни подготовки на стартегии, на настани... Единствено нешто што ве држи е таа неверојатна љубов кон работата, кон секој проект одделно, кон сé што сте креирале и едвај чекате да го реализирате. А најважно од сé е да работите за клиенти чија работа ја почитувате, верувате во она што го создаваат или продаваат. Само така се создава магија во ПР потезите.

Без тој клик невозможни се брилијантни резултати.

На кој начин 2020 година и COVID-19 делуваше врз комуникациската индустрија?

- Убавата страна на ПР професијата е токму таа што постојано се менува, добива нови форми, нови начини и канали на комуникација. Така што секогаш можете и морате да правите нешто ново. Па и кога ќе дојде до ваква година, како што беше минатата, а и оваа Новата верувајте ќе биде „интересна", треба да се реагира брзо, готово преку ноќ.

За сите мои клиенти морав да ги менувам стратегиите за 2020, да се преоринтираме на целосна онлајн комуникација со јавноста, при што требаше да најдам нов агол како пораките до нивните клиенти непречено да патуваат, а сепак тоа да бидат информации кои треба да се истакнат во морето од Covid вести.

Дали тоа значи дека ПР-от се врати на „голема врата" оваа година?

- ПР-от често се ставал во втор план, но да не бидам груба па да кажам дека многумина и не го употребувале, од едноставна причина што не го разбирале. Оние кои не се плашат или пак кои го разбираат, тие знаат дека ПР-от е претходница на маркетингот и е неизоставен дел на секоја успешна кампања. И тоа не е од сега, тоа е од мигот кога оваа ѕвезда Северница се појави на маркетиншкото небо.

ПР-от креира и диктира трендови.

Погледнете подобро!

Сите производи и услуги кои не опкружуваат физички или витуелно... и ги посакуваме, позади сите нив се крие моќен ПР. Кога пак ќе дојде до потенцијална „криза", невозможност информациите да патуваат по востановените канали, повторно ПР-от стапува на сцена како гуру, како единствен начин да ја испрати информацијата на вистински начин. Можеби каналите на дистрибуција на тие информации во иднина ќе бидат нови, поинакви....се сеќавате како регуларните медиуми ја изгубија важноста во изминатата деценија, но сé заедно ќе претставува комуникација во чија ДНК е вткаена добра ПР стратегија.

Љубица Ангелкова

На кој начин со својата креативност ја градите професијата секојдневно?

- Луѓето од креативната индустрија, често за себеси сметаат дека не се толку креативни колку што би требало да бидат или колку што другите очекуваат од нив. Има ограничувачки фактори, а тоа се барањата на клиентите, буџетите, стратегиите, роковите кои ни се задаваат, поради што сметаме дека не се дава максимумот. Меѓутоа, јас сум убедена дека успешните менаџери точно знаат со колку креативен потенцијал приоѓа човекот што го ангажирале, како се носи со секојдневните предизвици. Го следат и односот кој ПР експертот го има кон луѓето, кон рационалноста во она што како финансии треба да се инвестира во кампањите, во следењето на трендовите кои се применуваат, дали е пред времето или работи како останатите, дали се усовршува или го употребува претходно наученото. Не знам дали колегите би се сложиле со мене, но иако дигитализацијата зеде замав на глобалниот пазар и во животот, на почеток и на крај на денот, сепак се тоа луѓето кои трансформираат, создаваат, креираат...

Автентичноста е комбинација на знаење, добар вкус и страст кон работата и кон животот.
Љубица

Оттука е и мојот личен труд кон секоја моја постапка, во секоја комуникација со различни клиенти за кои работам, секоја нова задача да ја зачинам со доволна доза на оптимизам, личен печат, многу умешност и примена на наука во тоа што го правам, затоа што едноставно не сакам истрошени идеи.

Ценам дека мојата најсилна страна е автентичноста која е комбинација на знаење, добар вкус и страст кон работата.

ПР-от е позначаен од кога било, или барем може да биде?

- Короната сите ги затекна неспремни. Кој ќе каже поинаку - сметам дека не ја зборува вистината. Се случи ситуација за која никој не можеше да претпостави дека ќе се случи. Светот застана во рок од неколку денови. Тоалетната хартија стана најбаран производ. Берзите почнаа да паѓаат, цената на нафтата исто, луѓето почнаа да ги губат работни места, а докторите повторно станаа носители на професија која се цени. Имав различни ситуации кога уште во првата недела кренав аларм до сите мои клиенти дека ова нема така брзо да заврши и така наивно да се развива. Оптимистите не ми веруваа и целосно ги разбирам, а некои клиенти во кампањите кои веќе течеа како проактивност за ситуацијата ме молеа да не го користам зборот вирус, Covid, пандемија, затоа што ова ќе заврши и затоа што буди негативни емоции. Едноставно да се игнорира она што се случува. Ви зборувам за првите недели. Среќа, се освестија, па оптимистите станаа реалисти и можам да речам дека кризниот ПР во вакви ситуации е клучен за менување на курсот и прилагодување на ситуацијата. Задоволна сум од сé што направив со нив. Имам страшен респект кон компаниите за кои работам, во кои точно гледате кој е лидер, а кој само менаџира. Лидерите во такви ситуации доаѓаат до израз и покажуваат како реагираат под притисок и какви им се лидерските капацитети. Истите тие личности, ако имаат свој ПР, тогаш се сигурни дека комуникацијата не е стихијна, дека нема да се калкулира со полуинформации, кои притоа не се ни навремени. Тоа се луѓе кои знаат да ја стават ногата на топката и да кажат „Луѓе чекајте, постојат некои правила во вакви ситуации". Затоа цврсто стојам на ставот дека изминатите 10 месеци за мене беа еден одличен период кој го играв на полигон во кој направив многу добри работи за луѓето кои тоа го заслужуваат. За мене панедмијата беше неверојатна прилика да работам на променета пракса.

Љубица Ангелкова

Што после ова, како еден ПР експерт гледа во иднината?

- Она што следува, јас го нарекувам Фаза 4, а ние сме сé уште во фаза 2, дел од светот е во фаза 3.

Фаза 4 е новото време, кое веднаш да расчистиме дека никогаш нема да биде како порано. Факт е дека пандемијата трајно ги промени нашите навики, а тоа значи ќе се соочиме со нови навики во иднината. Дали канцелариите од дома ќе станат постојана опција за многумина? Дали физичката активност ќе стане семејна работа?

Тргнете само од една работа: строгите правила кога е во прашање хигиената не значат дека повеќе нема да се ракуваме, но бидете сигурни дека раѓаат нови општествени норми.

„Ако не планирате, планирате да не успеете" - рекол тој мудар Бенџамин Френклин. Ова се несигурни времиња и во нив мисија невозможна е планирањето, но јас сепак планирам за моите клиенти, да гледам подалеку од нивните основни потреби, зошто ако не работам така им ја ускратувам приликата за подобра иднина и на нивните компaнии, на нивните вработени и за оние луѓе за кои работам личен ПР.

Едноставно „изгубената топка", мудар ПР експерт ја претвора во прилика за „три поени".

Една од точките каде имате одлични познавања е дигиталниот маркетинг и социјалните медиуми. Надвор сте од клишеата кои тука на овој пазар владеат. Како успевате да ги наметнете своите размислувања?

Не сакам истрошени идеи.
Љубица

- Имам проблем кога работам за клиенти кои се радуваат на лајковите. Зошто нив треба да им докажам дека позначајна е содржината која на осмислен начин ќе биде прифатена од страна на публиката.

За мене селфи е само слика и тоа онаа со квадратна форма, неменета за Инстаграм."
Важи!
Но, бидејќи ја објавив, чекај да видам кој прв ја лајкнал, на кој се му се допаѓа после минута од објавувањето, па после 10 минути, дали достигна 100 срца, 200..."

Ви звучи познато.

Не лажам, ова го знаете и сами.

Потребата да се допаднеме на другите стана опсесивна самопромоција која има смисла единствено ако е наградена со лајкови. Науката вели дека станавме модерни нарциси, без емпатија и љубов кон другите, самодоволни егоисти склони кон анксиозност и депресија. Но, за разлика од митскиот Нарцис кој се удави во сопствениот одраз во водата, модерните нарциси се дават во конкуренција на светот на отуѓеноста, барајќи ја потврдата за сопствената вредност.

Не се битни лајковите, содржината е таа која одлучува.
Љубица

Да, сметам дека потребата да не прифати околината е нормална појава, но психолозите ќе нагласат - доколку таа потреба е умерена. Сé што ги преминува рамките на умереноста преминува во опсесија. Во нашата индустрија овој замав се смета за заситеност и може да биде страшно штетен за „пионерите на дигиталната промоција".

Не се битни лајковите, содржината е таа која одлучува.

Друг ризик е мислењето што денес сите се сметаат за познавачи на дигиталниот маркетинг. Кога јас се родив немаше интернет. Имаше само 2 канали на државната телевизија. А за да се појавите на еден од тие два програми, моравте и тоа како да го заслужите, а и да се помачите во животот. Со интернетот се промени сé. Имаме шанса сами да комуницираме преку разновидни платформи, претставувајќи му се на светот во најдобро можно светло. И тука почнува опсесијата, па и квалифицирањето на личната стручност дека се знае дигиталниот маркетинг. Лесно е да се каже, тешко да се верува.

Јас за сите мои клиенти имам посебни стратегии и имам посебен пристап на која платформа како да одат. На секој платформа мора скоро поразлично, но автентично. Исто така има посебни тактики за кампањи и адекватност на различни платформи на социјалните медиуми. Тоа што врви на Инстаграм, не е добро за ЛинкдИн, а тек за Твитер....Клиентите мора да научат дека ако користат инфлуенсери треба ним да им дозволат на каков начин ќе се поврзат со целната група. Следам многу кампањи и не ми е ОК кога истиот терк се води за таа кампања со група од 10 инфлуенсери. Идентично. Тоа е потценувачки и за ангажираните, зошто се коси со нивната автентичност, со публиката која е збунета, а оние кои интензивно следат, каква што сум и јас, таквите кампањи ми стануваат одбивни.

Ќе повторам, од лајковите е поважно како е содржината примена.

Дали сте имале искуство со политички ПР?

- Имам знаење, зошто ја имам поминато славната американска школа SIT за лобирање и јавно застапување, каде ПР-от е алфа и омега на тоа што го практициравме по завршувањето на добро познатата К street во Вашингтон ДС каде поминав извесен број на месеци. Имав неколку понуди кај нас, засега сум надвор од тој колосеум. Но, тоа не значи дека не сум против мој таков ангажман. За жал малку достапни, брзи, елоквентни, конкретни и коректни сили гледам на нашиот радар на политички ПР.

Сакам кога работам на проекти кои прават суштинска разлика.
Љубица

Се надевам на перспективна иднина на ова поле, кое сега во нашата политика недостига. Односно, сакам да дојде време кога ќе зборуваме кој најдобро управува со комуникациите, а не како најдобро се управува со манипулациите.

Дали денес податоците се највредната валута?

- Да, но само ако знаеме како да ги искористиме на вистински начин. Во оваа професија доаѓа времето кога датата ќе се користи во одредување на врските на тие информации, атрибутите и автоматизацијата на бројни процеси. Примена на вештачка интелигенција во сумирање на датата е веќе реалност ако работите за компании кои се позиционирани навистина во 21 век.

Која е Љубица Ангелкова кога не е ПР и маркетинг консултант?

- Љубица или Бубе како што ме викаат блиските, како и многу личности кои имаат динамична професија и многу интереси надвор од неа, можам да речам дека сум октопод во модерниот свет.
На моето најкратко био пишува вака: I'm too creative for a 9 to 5, freelancer but not free.
Не е клише, дека навистина живеам за мали-големи нешта кои често се забораваат во лудото темпо.
Но, не и јас. Јас го живеам животот за тие нешта.

Имам многу интереси надвор од професионалниот живот. И секогаш наоѓам време за нив.
Сакам луѓето кои се околу мене да ги правам среќни.
А јас сум навистина среќна личност.

Знаете зошто?
Знаете што е најважно за среќа?
Ако се будите среќни.

Тоа често и го повторувам на мојата ќерка. Може да освои сé... да биде сé... но најважно од сé е наутро да се буди среќна, со радост за новиот ден.

Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова Љубица Ангелкова

Анкета

Анкета
Кога би можеле да изберете со која вакцина за заштита од КОВИД-19 да се вакцинирате, дали тоа би влијаело на вашата одлука за имунизација?
  • 33%
  • 8%
  • 59%
Се испраќа...

(Вкупно: 732 гласа)

Цитат

Животот секогаш ти нуди втора шанса. Таа се нарекува УТРЕ.

Дилан Томас

Виц

Женскиот проблем „немам што да облечам“ е во изумирање во време на пандемија.

Сега се појави „имам што да облечам, но нема каде да го носам“.