Туѓината пуста да остане!
Почетна » Колумни » Во земјата на чудата » Туѓината пуста да остане!
Во земјата на чудата

Туѓината пуста да остане!

Штотуку го испив последното кафе со една другарка која за неколку дена се сели со семејството во странство. На испраќање силно се прегнавме, знаејќи дека никогаш повеќе нема да биде исто. Се прегрнаа и нашите деца, со солзи во очите, моите велејќи дека нема да дозволат другарчињата да им се преселат, а нејзините канејќи ги моите на гости кај нив, да си ја довршат куклената претстава која денес ја измислуваа, но остана недовршена.

Уште една во списокот на изгубени пријатели, кој и без неа беше премногу долг. Всушност, најголемата загуба ми се случи пред речиси десет години, кога туѓината ми украде едни од најсаканите луѓе во мојот живот. Тоа беше годината, кога брат ми со неговото семејство се пресели преку големата бара. Чудни чувства ме обземаа тогаш. Бев среќна за нив, затоа што знаев дека таму ќе им биде подобро. Но на моите солзи им немаше крај, затоа што знаев дека сега ќе биде многу потешко за сé што ми се случува да барам совет од мојот постар брат. Со брат ми ја делев секоја радост и секоја тага. Немаше нешто што криев од него, или тој од мене и си дававме поддршка еден на друг за сé што ни се случуваше. Барем откако пораснавме, затоа што е неколку години постар, па нашата силна поврзаност се појави дури откако јас пораснав доволно за да му докажам дека веќе не сум дете. И покрај големата разлика во годините помеѓу брат ми и мене, нашите деца се врсници кои ужасно си недостасуваат преку цела година и секое гледање на камера заеднички ги бројат месеците до лето, кога пак ќе бидат заедно. Со оглед на големата далечина и тоа што секое лето се гледаат е успех, но се прашувам колку ли би било убаво кога би растеле заедно и би имале спомени какви што имам јас со моите први братучеди.

Туѓина

Само еден месец пред заминувањето на брат ми, во странство отиде и мојот најдобар другар. Отиде со план да остане четири години и да го дооформи образованието, а еве, речиси десет години подоцна сé уште е таму. Со него ги имав најсуштествените разговори за важните нешта во животот. За идеалите и нивната цена. За среќата и местата на кои таа се бара. За нештата кои ја чинат суштината на животот. За науката и капитализмот. За тоа дали вреди да се остане тука, или излезот да се бара надвор. Не можам да опишам колку ми недостасуваат неколкучасовните разговори со него.

По брат ми и мојот најдобар другар, списокот се зголемуваше сé повеќе. Еден куп блиски другари, кумашините, еве сега и најдобрата другарка од факултет... И кога мислам дека веќе е готово, веќе нема кој да отиде... уште некој ме изненадува. 

Што е тоа што ги тера луѓето да одат во странство?

Некои – да го решат егзистенцијалното прашање. Без надеж дека тука некогаш ќе имаат пристоен живот, иако вредни и постојано потчукнувани по рамо како благодарност за добро завршената работа. Но „од фала не се живее“, што би рекол брат ми.

Други – да ја најдат работата од своите соништа. Кога го прашав кумот зошто оди, кога тука може да има сè – работа на факултет, хонорарни ангажмани, да биде многу послободен и сите пријатели да му се тука... ми рече „Јас живеам за науката. Во Скопје никогаш нема да можам да работам на ова на што работам тука“. И ништо да не ми кажеше, ќе го разберев. Ако некому му значеше дружбата со луѓе, тоа беше тој. Штом и покрај сé одлучи да остане таму, го разбирам интензитетот на неговата љубов кон науката.

Трети – да израснат деца во средено општество, каде што владее законот. Кога ја прашав мојата единствена прва братучетка зошто ќе оди, ми рече „Син ми си игра само со пиштоли и шмајзери. Има само четири години, а веќе знае дека НАТО ја бомбардира Србија поради односите во Косово. Сакам да има нормално детство, без оптоварувања за политичката ситуација“.

Има и луѓе кои тука постигнале многу и тоа релативно рано, па животот тука веќе не им е предизвик. А без предизвици не можат да живеат, исто како и јас. Еден братучед на сопругот тука имаше голема куќа и раководна позиција во една добра компанија, но сепак одлучи да замине, затоа што тука постигна сé што според него можеше да постигне, и тоа го постигна додека сè уште беше во четвртата деценија од животот. Со уште речиси триесет години до пензија и остварени планови и соништа, тој имаше потреба да почне од ново, и повторно да го оди патот. Да се докажува од ново, да живее за денот кога ќе го оствари зацртаното.

Неодамна случајно запознав еден дечко, студент и уметник. Почна да ми раскажува како едвај чека да си отиде од тука и дека тоа ќе се случи многу скоро. Го прашав: „Зошто сакаш да одиш? Зарем не чувствуваш обврска да останеш во земјата која придонела да бидеш она што си? И да не ти се допаѓа нешто, не мислиш ли дека си ѝ должен да останеш и да промениш нешто во неа?“. Покажа кон ѕвездите и ми рече „Ги гледаш ли ѕвездите? За мене само тие се граница. Јас други граници не признавам. Каков уметник сум јас ако се ограничам на одредена површина? Ќе бидам таму каде што ќе има смисла она што го создавам. Таму, каде што некој ќе сака да ме види и да ме слушне.“

Некој ќе рече – барем сега има средства за комуникација кои се лесни за употреба и достапни за сите. Признавам, комуникацијата е подобра од времето кога праќале писма по гулаб писмоносец. И од времето кога мојата најдобра другарка отиде да заврши трета и четврта година средно во Англија, па потоа остана и на факултет и никогаш не се врати, а јас секоја трета недела го чекав писмото од неа, и веднаш, уште истиот ден пишував ново и веднаш го испраќав по пошта, за таа да го добие по десет дена и да ми прати ново. Денес има илјада и еден начин да видиш и да слушнеш некој кој е во странство. Но, да не се лажеме дека е исто. Вид и слух се само две сетила кои се несомнено важни за комуникацијата. Но не се единствени. За мене комуникацијата не може да биде комплетна без да се задоволат сетилата за допир и мирис. Ни илјада слики ли зборови не можат да го заменат чувството предизвикано од пријателскиот допир кога ти треба поддршка. И може ли сликата или тонот да го заменат неговиот мирис кој ти треба како воздух кога тој е далеку од тебе.

Филџаните од последното испиено кафе со другарка ми сé уште се на маса, а јас не можам ниту чекор да направам од болката што ја чувствувам. Се трудам да ги сфатам сите што заминаа. Знам дека секој има право на избор како ќе го живее животот и секој си знае што е најдобро за него. Но никако не можам да ја пополнам празнината во моето срце која станува сé поголема со секое заминување на уште некој кој ми значи.

Туѓината пуста да остане!

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Каде ќе одите/бевте на одмор ова лето?
  • 25%
  • 6%
  • 5%
  • 6%
  • 3%
  • 3%
  • 11%
  • 13%
  • 28%
Се испраќа...

(Вкупно: 4930 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?