Среќна Нова!
Во земјата на чудата

Среќна Нова!

Неколку часа пред најлудата ноќ, градот е во општ хаос. Се прават последните подготовки – некој купува храна за вечер, некој сè уште не си ја нашол совршената гардероба, па се надева дека во последен момент ќе најде некое парче, со посебен мерак затоа што е на попуст, или пак екстра пар хулахопки, за „недај Боже“, некој со најмилите отишол на плоштад да го чека Дедо Мраз... градот врие.

Мислењата околу прославата на Новата година се поделени. Има една група луѓе на коишто денешниот ден им е само завршеток на одамна започнатите планови за тоа каде и со кого ќе се слави, што ќе се облече, каква фризура ќе се направи, па се купуваат нови парчиња гардероба, чевли, чанта и други неопходни работи (зар за Нова Година во стара гардероба?!?), се оди на козметичар, фризер, професионален шминкер, сето тоа за една ноќ. Но тоа не е обична ноќ, тоа е најлудата ноќ којашто заслужува посебно внимание.

Среќна Нова година

Веројатно ваквиот став ни е наследство од претходниот систем, кога не се прославуваа верски празници, а државните и меѓународните празници се прославуваа многу помпезно. Не само задолжителната прослава за Нова Година, да се потсетиме и на јагнињата за 2 Мај и прославите на 8 Март заедно со целиот колектив во ресторан.

Има и друга категорија луѓе, коишто не сакаат да ѝ обрнат никакво внимание на претстојната ноќ. Сакаат да си седат дома во тренерки или пижами, да си јадат руска салата и кифлички и да си гледаат филмски маратон. Едноставно, не сакаат да се замараат со новогодишната прослава. Имам впечаток дека оваа група расте – дел од нив за жал и не можат да си дозволат повеќе, но има и добар дел на коишто им е преку глава од новогодишни прослави.

Во последните неколку години станаа многу актуелни и предновогодишните прослави – со колегите од работа, со соработниците, со колегите од бившата работа, со другарите од основно, од средно, од факултет, од маало... Прославите почнуваат околу 15 декември и траат сè до 30-ти, ден пред дочекот на новата година. И се разбира, да не ја заборавиме кулминацијата, дневната шема на 31 декември. И како после толку многу прослави човек да има енергија за најлудата ноќ?

Се разбира, има и една група којашто е некаде помеѓу претходно споменатите – се организираат во домашна атмосфера, со најблиското друштво. Да не се седи дома и да се одбележи некако денот. Сепак и не се работи за некој обичен ден, туку Нова Година. Ова е дефинитивно најпрепорачливата опција за семејства со мали деца.

Тоа што ни е на сите заедничко, без разлика во која од овие групи припаѓаме, е што сите Новата Година ја доживуваме како надеж за подобра иднина. Некој посакува стан, автомобил, некој да ја пронајде љубовта на својот живот, некој да дипломира, некој да најде работа, а некој здравје и среќа. Сите се надеваме дека годината ќе ни биде посреќна, поуспешна, дека сите ќе бидеме здрави и весели.

„Само здравје, а другото само ќе си дојде“ е желба којашто најчесто ја слушам последниве години. За волја на вистината, тоа е и мојата желба. Пред неколку години воопшто не ја разбирав оваа желба, веројатно затоа што ниту јас, ниту некој од моето окружување немаше проблеми со здравјето, но пред неколку години ја сфатив, и сега ја посакувам. И не ме изненадува кога ја слушам од возрасни, но во шок бев кога ја слушнав од мојата четиригодишна ќерка. Таа година се утепавме од лежење по болници – со неа, со малиот, јас сама ... и кога ја прашав што посакува во новата година, таа ми кажа „Сите да бидеме здрави“.

Желбата за подобро утре често го опфаќа и нашето лично подобрување, па најчесто за Нова Година паѓаат и новогодишни одлуки. Некој одлучува дека ќе ослаби, некој дека ќе се посвети посериозно на учењето, некој дека нема да губи време на „пријатели“ коишто емоционално нè истоштуваат, а некој и дека ќе се труди повеќе да им помага на другите.

Ви посакувам убав помин вечер, каде и да сте. Која и опција да сте ја одбрале за прослава, важно е вам да ви се допаѓа, да ви е убаво и да бидете со луѓе кои ви значат.

А во Новата Година ви посакувам здравје, среќа, љубов, многу предизвици и многу успеси! Здравјето и среќата се клучни состојки за убав живот, љубовта му дава една сосема поинаква димензија, а без предизвици, коишто не водат кон успеси, животот би бил досаден!

Среќна Нова 2014!

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Дали редовно си правите самопреглед на дојките?
  • 26%
  • 74%
Се испраќа...

(Вкупно: 4167 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?