Живот на рати
Во земјата на чудата

Живот на рати

Од денес јас и мојот сопруг сме слободни луѓе. Луѓе кои не го живеат животот на рати.

Денес ја исплативме последната рата од станбениот кредит кој го отплаќавме речиси десет години. Десет години во кои на секое земање плата му следуваше уплаќање на месечните рати, а потоа распределба на она што останало за тековниот месец.

Колку и да беше тешко отплаќањето на кредитот, не ми е криво што го имавме. И никогаш не пресметав колкава е разликата помеѓу парите кои ги позајмивме, и парите кои ги вративме. Не ме интересираше колкава е цената на парите, туку само дали ќе можеме да ја издржиме месечната рата без да се лишиме од основните работи, неопходни за живот. Ние немавме друга опција да создадеме наше катче, наш дом. Немавме заштеда, а и не беше можно да имаме бидејќи создадовме свој дом релативно млади. Ниту нашите родители ни немаа купено станови, но не ми е жал што не можеле, ни најмалку. Задоволството да создадеш нешто заедно со брачниот другар, без никаква дополнителна финансиска помош, е бесценето. Се забораваат сите нетрпеливи исчекувања на следната плата, сите отворања на празниот фрижидер, сите пребројувања пред да излезеш на кафе со пријатели, или пред годишен одмор.

Живот на рати

За мене земањето кредит за решавање на егзистенцијално прашање е сосема оправдано - да создадеш дом, да оформиш образование, па можеби и да купиш автомобил, иако повеќе би избрала стар автомобил кој нема да биде на рати. 

Но никако не можам да ги разберам оние кои земаат кредит за задоволување на некоја моментална второстепена потреба. На пример да одат на одмор, небаре им е скратена најосновната потреба на светот. Да, убаво е да се оди на одмор, но потрошувачки кредит на една или две години за да одам на одмор не би земала, па макар и да не сум била на море десет години. Подобро би отишла во куќата на село кај бабата на другарка ми, каде ќе си поминам прекрасно со убаво друштво на чист воздух, без притоа да се заглавувам дополнително уште една или две години.

Не ги разбирам ниту луѓето кои земаат кредит за да направат слава, да не се обрукаат пред роднините и пријателите. Ако некој ми доаѓа на слава поради софрата, подобро нека не доаѓа воопшто, не ми треба. 

Не можам ни да опишам колку сум среќна што конечно станав дел од луѓето без долгови. Или... можеби и не, кога ќе се сетам на кредитните картички. Носталгично се сеќавам на времето кога платата ја добивав на сметка, немав ниту една картичка во паричникот, и трошев онолку колку што имав. Одамна беше тоа, ехее, уште пред да го земеме првиот кредит. 

Сега имам цела колекција картички во паричникот, што не значи дека имам и повеќе пари. Пред некој ден во супермаркет на каса ги полнам кесите, и доаѓа време за наплата. Ден пред земање на новата плата, знаев дека има нешто ситно останато по картичките, ама не знаев дека е толку ситно. Давам една картичка, терминалот го испушта непријатниот звук, и касиерката ми кажува дека картичката ми е одбиена. Со кисела насмевка, преправајќи се дека не знам што е проблемот, давам друга картичка и... одбиена. Додека нетрпеливоста на другите во редот по мене растеше, јас со наивен поглед ја давам и третата картичка, надевајќи се дека ќе помине, и без никаков план што потоа, ако не помине и таа. За среќа - помина. Си ветив дека од сега натаму подобро ќе водам сметка за трошоците, ако не друго, ќе знам во секое време колку имам на сметка, и нема да се срамам по каси. 

Колку и да звучи утопистички, се надевам дека еден ден ќе успеам да ги расчистам и кредитните картички и ќе бидам навистина слободна жена, без долгови. Исто како порано, кога не бев кредитоспособна и немав кредитни картички. Ех, тие времиња...

Автор: Алиса
Алиса е жена во раните 30-ти години – во постојана трка со времето и потрага по баланс меѓу обврските на работа, со децата, домаќинството и образованието. Во постојана борба со себе, помеѓу посакуваната спонтаност од една страна и неопходната организираност од друга, помеѓу неодоливите чоколади и посакуваната линија, меѓу желбата за кафе со пријатели и редовното вежбање. Не може да живее без предизвици, а ништо не ја опушта како ден поминат во природа, пливање, или цел ден поминат зад волан – сама, со радиото.

Анкета

Анкета
Каде ќе одите/бевте на одмор ова лето?
  • 25%
  • 6%
  • 5%
  • 6%
  • 3%
  • 3%
  • 11%
  • 13%
  • 28%
Се испраќа...

(Вкупно: 4933 гласа)

Цитат

Не патуваме за да избегаме од животот, туку за животот да не ни избега нам.

Анонимен

Виц

Мажите со брада во 1819 година:

- Ќе ја убијам оваа мечка со голи раце!!!

Мажите со брада во 2019 година:

- Органски ли е овој крем за раце?